Молкот е издигнат до рамниште на лик во романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска (ВИДЕО)

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Синоќа, во градската библиотека „Борка Талески“ се одржа прилепска промоција на романот „Единствен матичен број“ од македонската писателка Лидија Димковска. Како и претходните три, и овој роман на Димковска ја разбранува македонската читателска јавност, пред се заради актуелноста на темата која ја обработува делото.  Романот „Единствен матичен број“, објавен во 2023 година од издавачката куќа Три од Скопје,  е носител на престижната книжевна награда „Роман на годината“ што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“ како и на регионалното книжевно признание „Штефица Цвек“.

Во образложението за наградата „Роман на годината“ беше речено дека ова дело во својата основа ги носи во себе обележјата на актуелноста.

Преку историјата на едно семејство, Димковска се нафаќа да ја претстави, во сета нејзина трагика, едната од индивидуалните и колективните судбински состојби толку карактеристични за нашата епоха: ситуацијата на егзилот. Присилното губење на татковината, на родниот дом, на делот од сопственото постоење проникнато со безброј врски кои го спојуваат поединецот со неговото потекло, добива во романот на Димковска своја конкретна, мошне индивидуализирана посебност-стои во образложението. 

Димковска вели дека се радува за признанијата кои досега ги доби романот, затоа што токму тие отвораат пат на книгата кон читателите.

Се радувам што денес имам можност да се сретнам со прилепската публика. Ова е роман во кој секој може да се пронајде заради тоа што зборува за оттужувањето, но и за тоа колку се сакаме или не се сакаме во секојдневието. Централното место во романот го зазема едно дисфункционално семејство од Скопје. Никос,  бегалец од Кипар,  има една многу љубопитна ќерка, по име Катерина која трага по идентитетот на нејзиниот татко. Паралалено тече и приказната за пустелијата. Сите го познаваме идиомот „човек да фати пустелија“ кога нешто ни е преку глава. Јас од тој идиом направив еден вид дистописка приказна- раскажа Димковска која рече дека уживала при истражувањето и пишувањето на романот.

На настанот за книгата проговори, директорката на библиотеката „Борка Талески“, Андриана Ристеска, а потоа следеше мошне плодна и впечатлива дискусија меѓу авторката Лидија Димковска и промоторката, поетесата Виолета Танчева Златева која пак, истакна дека станува збор за повеќеслоен роман.

Можеби на почеток ќе речеме дека станува збор за семеен роман, бидејќи станува збор за дисфункционално семејство и неговите членови кои се борат секој да си го најде својот идентите. Ова е многу современ роман кој опфаќаа современи теми и особено им го препорачува на младите кои вечерва на промоцијава ги има во голем број, за да сфатат дека ние сме ништо без сопствениот идентитет-рече Танчева Златева.

По разговорот меѓу авторката и промоторката, прилепската публика се вклучи со прашања и коментари во врска со книгата што ја надополни убавата атмосфера на овој книжевен настан. По промоцијата следеше потпишување на романот од страна на авторката, а истиот ќе може да се зајми и од градската библиотека „Борка Талески“.

„Единствен матичен број“ е четврт роман на Димковска, која што живее и твори во Словенија, оставајќи траен белег не само во македонското, туку  и на светското книжевно творештво.

Лидија Димковска е македонска поетеса, прозаистка, есеистка, теоретичарка на книжевноста и преведувачка.  Завршила  Филолошки факултет во Скопје, а докторирала на тема од романската книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија. Работела како лекторка по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година.

Нејзините романи „Скриена камера“ и „Резервен живот“ наградени се со „Стале Попов“ од ДПМ. Во  2013 година за романот „Резервен живот“, Димковска ја добила наградата за литература на Европската унија. Таа меѓу другото, констатираше дека за жал Македонија, нема изграден систем за афирмација на македонската книжевност во меѓународни рамки и дека се се сведува на иднвидуални ангажмани на авторите, но сепак го пофали учеството на Македонија на Саемот на книгата во Франкфурт.

Филип Димкоски

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Прилепскиот театар затворен од Дирекција за заштита и спасување

Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е затворен од страна на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) поради сериозни неправилности кои претставуваат непосредна опасност од пожар и експлозија. Од ДЗС, на 24 март бил спроведен вонреден инспекциски надзор, при што биле утврдени 15 неправилности што се во спротивност со Законот...

МВР:Насилникот избегал при транспорт од Психијатриска болница до Основен суд Прилеп

Полицијата проверува како насилникот кој вчера пукаше и тешко рани вработена во МЦСР Прилеп избегал при транспорт од ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар во Основен суд Прилеп и дошол до оружје. На разговор биле повикани повеќе лица, стои во известувањето од СВР Битола:

Напад врз службеник e пат кон неправда!!!

Како во Дивиот Запад – бегаш од затвор, влегуваш во барот на градот со една улица,  пукаш и убиваш. И, решен проблем. Слично сценарио се случи и во прилепскиот Меѓуопштински центар за социјални работи! Избегал од ЈЗУ Психијатриска Болница Демир Хисар, набавил огнено оружје-пиштол, и пукал со цел да ја...