Од Прилеп Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници започна со промоција на документот кој што ќе значи почеток на борбата за опстанок на локалното новинарство во Македонија. Манифестот на локалните новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа ги лоцира проблемите, а воедно ќе прецизира барањата на мрежата од професионалци вклучени во оваа сфера кои изминативе години се соочуваат со низа предизвици.
Ако изминатива деценија зборуваме како да ја засилиме нашата безбедност, се изборивме за измени во Кривичниот законик за нападите врз новинарите да бидат напади врз службени лица, како што бараме почитување на Етичкиот кодекс на новинарството и да ја издигнеме на едно повисоко професионално ниво нашата работа, така изминатиов период и изминативе неколку години, ние постојано сме исправени пред предизвикот, а тоа е безбедноста на нашата егзистенција. Нешто преку кое што не можеме да преминеме и кое може да се пренабрегне туку-така. При посетата на Синдикатот на локалните медиуми и заедници дојдовме до фрапантни заклучоци. Десетина градови се во информациски мрак, немаме локални теми за кои се известува, немаме локални медиуми, дописници, имаме цели мрежи кои згаснаа. Низ призма на бројки над 375 илјади наши сограѓани се оставени без информации од локални теми во повеќе од 20 општини. Нашата професија е десеткувана, неатрактивна и затоа си дадовме задача да смогнеме сили како да ги надминеме овие состојби, рече Павле Беловски, новинар во ТВ Телма, претседател на ССНМ.
Според опсежното истражување 1,6 луѓе работат во локалните медиуми во Македонија, значи нема ниту двајца ангажирани во локалните медиуми, а очекувањата се огромни. Нашите сограѓани не знаат дека македонските медиуми се комерцијални и сами се финансираат, не добивајќи никаква помош од државата и локалните самоуправи. Факт е дека најмалку зборуваме за себе за нештата кои што треба да ги промениме. Дојде денот да зборуваме за тоа, посочи Весна Колевска, новинар во Радио Канал 77.
Состојбата во обезбедувањето на егзистенција во локалните медиуми и страшно лоша. Не можеме да работиме без помош од донатори. Малку луѓе во локалните медиуми сме. Не’ исцрпува 24 часовната работа во барање начин за опстанок, следење на настани, пишување вести… И на крајот на краиштата не’ прави неинвентивни. Ваквата состојба веќе е неиздржлива, рече Убавка Јаневска, новинар од порталот Дума од Велес.
„Многу е важно да се знае: медиумите има име, новинарите и медиумските работници имаат име и презиме. Ние се соочуваме со лажни информации, се соочуваме со нелојална конкуренција, бидејќи тоа се луѓе кои што работат нешто и сами велат дека е тоа „новинарство“. Такво „новинарство“ не постои ниту во Македонија, ниту во светот. Имаме проблеми со авторските права: нашите текстови, нашите фотографии, видеа, аудио содржини ние како медиуми сме како топовско месо кое што секој како што сака може да го моделира. Но дојде време да кажеме дека не може да продолжиме така повеќе. Во барањата кои се прецизни, има едно кое што е суштинска важност за демократијата во Македонија: потребно е создавање на мрежа од регионални медиуми по принципот на некогашната мрежа од локални радио станици (30 на број) кои што работеа исклучиво за граѓаните од локално, или регионално значење. Доколку ова најбрзо не се случи, доколку ова најбрзо не се востанови Македонија ќе остане без локални новинари и без локални медиуми,“ рече Гордана Цветаноска, новинар од Радио Пела.
Не очекуваме дека сите проблеми ќе се решат, но се надевам дека ќе допре до надлежните, затоа што згаснувањето на медиумите и создавањето на медиумски пустини е на штета на целото општество и се остава простор на парамедиумите и дезинформациите. Манифестот содржи 9 точки:1. Основање на Фонд за производство на медиумски содржини кој пред се ќе биде насочен кон локалните новинари и медиумски работници.
2. Промена на правната регулатива со цел задолжување на националните радиодифузери да вработат дописници од сите плански региони во државата.
3. Поголема транспарентност на националните и локалните власти и прекин на практиката на создавање паралелни псевдо-медиуми во рамките на кабинетите.
4. Препознавање на јавниот интерес од страна на правосудните органи во поглед на правото на слобода на информирање во случаи во кои новинарите се тужена страна (СЛАПП тужби).
5. Поголема ажурност на полицијата и правосудните органи во случаи на напади и закани врз новинари и медиумски работници.
6. Формирање на јавни сервиси / локални или регионални медиуми во планските региони.
7. Поддршка на локалните медиуми преку субвенционирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за новинарите и медиумските работници.
8. Воведување на активни мерки за вработување на млади новинари и медиумски работници во локалните медиуми.
9. Обезбедување простории за новинарски прес-центри за потребите на локалните новинари и дописници, рече Емилија Мисирлиевски, новинар, дописник во ТВ Телма.
Претставници на Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници остварија оддвоени средби во Прилеп со Борче Јовчески, градоначалник на општина Прилеп и Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд на кои ги претставија проблемите и барањата содржани во Манифестот .