На денешен ден, 27 ноември, пред 135 години на Дерптскиот универзитет во Естонија (денес Тарту) е одбранета првата докторска теза за засебноста на македонскиот јазик од балто-германскиот лингвист Леонхард Готхилф Мазинг. Оваа година и овој ноември се навршуваат и 180 години од раѓањето овој истакнат научник.
Леонхард Мазинг (заокружен) со група колеги професори од универзитетот во Тарту во 1920 година
Леонхард Готхилф Мазинг е роден на 21 ноември 1845 година во с. Мустјала, на островот Езел (денес Саарема) во Естонија како син на свештеник од протестантската (лутеранска) црква. Се образувал во Лајпциг, Гетинген и Дорпат (Тарту).
Универзитетот во Дорпат (денес Тарту) од времето на Мазинг каде е одбранета првата докторска теза за македонскиот јазик
На 27 ноември 1890 година ја одбранил докторската теза за засебноста на македонскиот јазик со посебно внимание на рефлексите ќ/tj и џ/dj што претставувал најатрактивен „проблем“ во славистиката. Насловот на дисертацијата во оригинал гласи: „За јазичната определба на македонските Словени“ (Zur sprachlichen Beurteilung der macedonischen Slaven. I. Vertretung von tj und dj, 1890).
Следната година Мазинг издава дополнителна студија за македонскиот акцент: „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти. Прилог кон нивната критика“ (Zur Laut und Akzentlehre der macedoslawischen Dialekte. Ein Beitrag zur Kritik derselben, 1891).
Леонхард Мазинг преку 45 години предавал на Дерптскиот универзитет на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје и одржувал курсеви по споредбено – историски граматики на индоевропските јазици, споредбена граматика на словенските наречја, црковнословенски јазик, јужнословенска дијалектика, источноевропски јазици итн. Оттаму доаѓа и интересот за македонскиот јазик и неговата посебност.
Со докторската теза за македонскиот јазик, како и со останатите свои дела, Леонхард Мазинг даде поттик за развој на македонистиката уште кон крајот на XIX век. Неговите дела ги привлекле и други автори на кој им била важна историјата на Кирило-методиевата писменост, култура и етнолигвистика, додека политиката и пропагандата им била туѓа.
За Македонија/македонскиот јазик во 1890 година вели:
„Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етно-историски граници за дефиниција на јазикот!“
Починал на 4 април 1936 година во градот Тарту.
Пресудна улога за неговиот интерес за македонскиот јазик се случила сосема неочекувано кога во Лајпциг во 1886 година се сретнал со Иван А. Георгов од Велес во чиј говор препознал нешто оригинално кое го поттикнало неговото љубопитство за македонските говори. Две години подоцна, во 1888 во Санкт Петербург се сретнал со уште еден Македонец Димитар Топеничаров од Охрид.
Овие две средби го насочиле да ги прелиста веќе објавените зборници од Миладиновци, Шапкарев, Верковиќ, Драганов, Пулевски и други и Мазинг, без резерви изјавува дека се работи за одделен словенски јазик со сопствен пат на развиток. Со овој пионерски труд, дисертацијата на Мазинг го свртела вниманието за со специфични особености на македонскиот јазик и да го претставува како различен од српскиот и бугарскиот, а со тоа иницирал и понатамошни истражувања од други лингвисти кои го отвораат патот за македонистиката.
ПРЕД 10 ГОДИНИ
Во негова чест, на денешен ден во 2015 година, во Универзитетската библиотека во Тарту беше отворена изложба посветена на авторот на првата докторска теза за македонскиот јазик Леонхард Готхилф Мазинг, а истовремено беа одбележани и 170 години од неговото раѓање.
Изложбата беше ретроспектива за неговиот живот и дело со фокус на 125 годишнината од одбраната на докторската теза за засебноста на македонскиот јазик како и неговите сестрани истражувања за географијата, историјата и етнографијата на Македонија.
Иницијатор и автор на изложбата беше проф. д-р Георги Гоце Дуртаноски кој оваа архивска граѓа ја истражуваше неколку години во Државниот архив на Естонија, Универзитетската библиотека, Естонскиот литературен музеј и архивата на Естонската евангелистичка црква.
Со инаугуративни говори изложбата ја отворија директорката на универзитетската библиотека Лиси Лембинен, македонскиот амбасадор во Естонија Сашо Велјановски, а свои излагања за ликот и делото на Леонхард Мазинг имаа: директорката на Колеџот за странски јазици и славистика проф. Љубов Кисељова, познатиот слависти и поранешен професор по славистика на универзитетот во Тарту проф. Александар Димитриевич Диличенко, естонскиот амбасадор за Македонија Даниел Шер, почесниот конзул на Македонија во Тарту Петер Роуз и авторот на изложбата проф. Георги Гоце Дуртаноски.
ДИСЕРТАЦИЈАТА ОД МАЗИНГ ПРЕВЕДЕНА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
Овој значаен труд од Леонхард Мазинг конечно беше приопштен на македонски јазик од нашата сонародничка и лектор по македонски јазик Бранислава Драговиќ во 2022 година како индивидуално издание, по децениското одбивање на државните институции да го објават ова капитално дело за македонистиката.
Објавувањето на преводот од Бранислава Драговиќ под наслов „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти“ (дополнето издание кон дисертацијата од Мазинг од 1891 година) претставува драгоцен прилог кон историјата на македонскиот јазик и значаен прирачник за македонистите во светот.
Денешен изглед на Универзитетот во Тарту во Естонија каде во 1890 година Леонхард Мазинг ја одбранил првата докторска теза за македонскиот јазик









