Македонија беше дел од 77-от Конгрес на Европската боксерска унија во Сараево Во периодот од 6 до 8 јуни, во хотелот Hills Ilidža во Сараево, успешно се одржа 77-от годишен конгрес на Европската боксерска унија (EBU) — настан што ја обедини европската професионална боксерска сцена. Организатор на Конгресот беше Сојузот за поддршка на професионалниот бокс на БиХ, предводен од претседателот Заим Нумановиќ.
Благодарение на извонредната организација и традиционалното балканско гостопримство, Конгресот беше реализиран на високо ниво. На настанот учествуваа 102 делегати од 42 земји, меѓу кои и Македонија, претставена преку Про Бокс Македонија со двајца свои претставници, Весна Чатлеска и Дарко Чатлески. Клучни теми и одлуки: Безбедноста на боксерите Усвоена е иницијатива за воведување на унифицирани медицински прегледи за сите професионални боксери во Европа, со цел да се зголеми здравствената заштита и да се уедначат стандардите.
Борба против пиратските асоцијации: Конгресот ја отвори важната тема за растечката појава на пиратски асоцијации и нерегуларни промотери. Договорено е заедничко делување за нивно идентификување и информирање на боксерите со цел да се спречи нивното учество на небезбедни настани. Развој и организација на натпревари: Споделени се најдобри практики за организирање на спектакуларни боксерски настани, со почитување на високите стандарди на професионалност и фер судење. Нови членки на EBU: На Конгресот беа примени две нови полноправни членки Албанија и Литванија ,со едногласна поддршка од страна делегатите на EBU. Додека Словенија доби статус на привремена членка на Европската боксерска унија.
Одлука за следниот Конгрес: Со едногласна поддршка, делегатите одлучија 78. Конгрес на Европската боксерска унија да се одржи во Тирана, Албанија во 2026 година. На Конгресот беа доделени и најпрестижните годишни награди на EBU: Шампионат на годината: Weiss vs Molina Шампион нагодината: Sam Noakes.
Женски шампион на годината : Tania Alvarez Промотер на годината: Queensberry Promotions Македонски придонес: Македонската делегација од Про Бокс Македонија активно учествуваше во сите дискусии. „Наш приоритет е безбедноста на боксерите и високото ниво на професионализам во натпреварите. Целосно ги поддржуваме иницијативите за унифицирани медицински прегледи и борба против пиратските асоцијации. Чест ни е што сме дел од овој заеднички европски процес“, изјавија од македонската делегација. Конгресот во Сараево ја покажа јасната решеност на европската боксерска заедница за создавање на побезбедна, попрофесионална и пофер боксерска сцена. Македонија, преку активното учество на Про Бокс Македонија, продолжува да дава свој придонес во оваа заедничка визија