Кочани – градот што тагува и се бори да преживее

Оригинален линк на написот: Radiokocani.mk

Економски, по трагедијата во „Пулс“ Кочани е далеку од заздравување, бидејќи некои од бизнисите, особено малите, се затворија и тешко некогаш да проработат. Други се одржуваат во работа, во исчекување дека ќе стигне дел од ветената помош за малите бизниси. Големите пак, како странската инвестиција „Амфенол“, која вработува над 3000 работници, се соочи со последиците од човечката загуба. Двајца млади вработени ги загубија животите во пожарот, но повеќе родители, кои работат во Амфенол, ги загубија своите деца. Се’ заедно значеше сериозен удар по компанијата, вели генералниот менаџер Сашко Наков, според кого,  првите недели по пожарот беа најтешки – и емотивно и економски.

Првичната цел беше да го амортизираме ударот, бидејќи имавме обврски кон нашите купувачи. Успевме да најдеме решение со разбирање на проблемите, наидовме на разбирање и се трансформираме. Пред се’ мора да се заблагодарам на разбирањето, на солидарноста на сите вработени, бидејќи ако требаше да се прават ротации на некои работни места, ротации на смени, се правеа, апсолутно се покажа солидарност. Во голем дел тоа беше важно за да можеме да продолжиме, рече Наков.

Од својата страна, компанијата веднаш по пожарот со својата логистика се придружила на општите напори за помош – со транспорт и друга помош. Се понудиле од централата на компанијата и колегите од другите земји. Наков вели дека се живее и работи со предизвиците што ги донесе трагедијата, особено во еден мал град како Кочани, каде загубите се и лични и болни.

Нема граѓанин на Кочани кој така не ја доживеа трагедијата лично. Сите ние сме поврзани. Но, тоа е… животот продолжи и едноставно, мораме да се ставиме во ситуација, како и секогаш, да им помогнеме на тие што се најзагрозени во тој момент и на тие што се најранливи, емотивни, за да може да се охрабрат и да се продолжи понатаму, изјави Наков.

Тоа бавно продолжување понатаму остава последици по целокупниот економски тек. Многу родители на повредените, но пред се’ на починатите деца, со месеци отсуствуваа од работа. Дел од нив и сопственици на мали бизниси, кои паузираа со економски активности, за некои воопшто да не продолжат со работа.

Родителите на повредените поминаа недели и месеци во странство, во болниците каде се лекуваа нивните деца. Најважни беа децата, се’ друго, вклучително и бизнисот, беше ставен на пауза.

Кочани е град на микро компании

Кочани е град каде доминираат микро компаниите. Иако податокот се менува од година во година, останува речиси истиот процент – над 90 отсто од комапаниите спаѓаат во категоријата микро субјекти. Според Интегралниот развоен локален план на Кочани (2024 – 2027), од 1309 регистрирани компании во 2021 година, дури 1158 се микро компании, 32 се средни, а само една е во категоријата големи. Најголем дел се трговски компании (451), па следат компаниите од преработувачката индустрија (208) и останати.

Со месеци во Кочани животот се сведуваше на трошење за основните потреби – изостанаа поголемите прослави и матурските, како пред трагедијата. Луѓето имаа други приоритети. Секако, најпогодени беа угостителските компании и дуќаните за облека.

Александар Наунов, сопственик на пицерија во Трговскиот центар, е еден од родителите кои го загуби своето дете, а по личната трагедија со соочува и со загубите во бизнисот.

Има промени и кај бизнисите и кај луѓето. Градот повеќе не е ист. Младите се повлечени, угостителите се внимателни. Потрошувачката е променета. Повеќе локали ја намалија забавата  – музиката, ноќниот живот, поради тоа што сметаат дека е тоа морално, не поради законот. Тежината што ја носи градот е видлива во секој агол, споделува Наунов.

Се затворија и конфенции

Трагедијата се поклопи со селењето на странските текстилни гиганти кон простори со поевтина работна сила. Неколку конфекции се затворија, па дополнителен број на вработени останаа без работа.

Проценката е дека лани десетина текстилни компании се затворија. Кочанскиот бизнис сектор во голем дел сега зависи од активноста на неколкуте големи компании.

Иако, според податоците од Централниот регистар, во Источниот регион бројот на отворени и затворени компании значајно не се променил. Од почетокот на 2026 година во изминатите два месеци, во Истокот од најчесто застапените – ДООЕЛ, се основале 46 компании, а 39 се затвориле.

Во општината Кочани првите бројки за затворени субјекти ќе ги очекуваат во следните месеци, кога ќе почне плаќањето на давачките кон општината, како данокот на имот и фирмарината. Конкретни подоатоци за последиците од трагедијата до овој момент не може да споделат.

Во разговорите, менаџерите во кочанските компании со помалку оптимизам заборуваат за парите од унгарскиот заем.

Со оглед на тоа дека Македонската развојна банка одби да ги соопшти податоците за тоа кои компании добија од унгарскиот заем, во кочанскиот бизнис сектор за зборува за неколку бизнисмени кои добија поволни пари за новите проекти.

Но, и за да се повлечат овие средства како заем, беше неопходно сопствено учество од 20%. Како што соопшти Министерството за финансии заклучно со јануари годинава,  вкупно 224,3 милиони евра се исплатени досега од предвидените 250 милиони.

Познато е дека парите главно заминаа кај производствени фирми.

Условите за земање кредит за фирмите се со 1,95 % камата, грeјс период од 3 години и рок на отплата до 15 години.

Кочанските бизнисмени очекуваа дека сепак, ќе се има во предвид дека еден дел од овие средства, кои сите ние ќе ги враќаме, ќе се насочат во градот кој ја преживеа својата најголема трагедија.

Ќе има за кочанските компании од унгарскиот кредит?

Засега од власта стои ветувањето за инфраструктурни инвестиции во општината. Во одговорот на нашите прашања од владиниот портпарол, дека се насочени со планираните 100 милиони евра за Кочани, да се работи на унапредување на патната, комуналната и урбаната инфраструктура, како изградба на нови патишта, канализациски и водоводни системи и уредување на јавниот простор.

Важно е да се напомене дека завршени се тендерските постапки, како  линијата за водоснабдување, подобрување на инфраструктурата на мостот, на влезот во градот од јужната страна и очекуваме во периодот којшто следи со градоначалникот на Кочани да го формализираме сето тоа, да ставиме камен- темелник и да почнеме со реализација на тие проекти. Во областа на спортот, културата и младите, планирана е изградба на затворен базен и нови спортски сали, кои ќе бидат достапни за сите граѓани и спортски друштва, стои во одговорот од Владата.

Неодамна го прашавме и премиерот Христијан Мицкоски дали проектот „Кочани 2030“ беше само ветување. Мицкоски ги наброја планираните општински проекти, реконструкција на болницата, а најави и проектирање на нова делница.

Започнато е и проектирањето на делницата Кочани – Виница – Делчево, која што претставува децениски проект за истокот и кој што е многу значен како проект. Заедно со Европската комисија работиме и на таргетирање на останатите проекти, така што сето тоа кое што сме го кажале, ние ќе го завршиме“, рече Мицкоски.

Кочанчани со кои разговаравме, велат дека институциите останаа инертни на потребите на граѓаните и воопшто на бизнисот.

Доаѓаат разни луѓе и претставници на домашни и странски институции и организации, го посетуваат градот и општината, ќе се сослушаат проблемите и предизвиците и си заминуваат.

Кочанчани остануваат да живеат со последиците од трагедијата во исчекување на остварување на поздаборавените ветувања на плејадата луѓе кои продефилираа изминатата година.

В.К.

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.

Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Известување од ОУ „Св. Кирил и Методиј“

Ве информираме дека денес во училиштето беше примена дојава за наводно поставена бомба. Учениците од предметна настава беа веднаш и безбедно евакуирани, а надлежните служби од МВР извршија увид и проверка на училиштето. По спроведената проверка, констатирано е дека дојавата е лажна и не постои опасност по безбедноста на учениците, вработените и училишниот објект. Наставата

Лажна дојава за бомба во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани

Утрово, ОУ „Св. Кирил Методиј“ преку ЦУК – Штип,  доби информација за лажно поставена бомба. Учениците и наставниците биле навремено евакуирани, а во моментов во училиштетео се присутни инспектори на МВР и се постапува согласно утврден правилник за вакви случаи. Информацијата за Радио Кочани ја потврдија од училиштето. Повеќе информации очекуваме во текот на денот.

Надлежните од бензинските пумпи – Дизелот е потрошен поради тоа што потрушувачката ни е зголемена за 5 пати

По објавата на Радио Кочани дека нема дизел на пумпите во регионот надлежните демантираат дека е поради поскапувањето туку едноставно резервоарите на пумпите се празни исцедени до капка за време на викендов. За викенд не се врши достава па затоа во моментов нема дизел, некои од возачите ги испумпувале резервоарите дома и  се враќале по