Јубилејниот 60 ти МТФ „Војдан Чернодрински“ од 5 до 12 јуни во Прилеп

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп оваа година ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп. Ова беше одлучено на Собранието на фестивалот, што се одржа минатата недела. Во тек се подготовките на фестивалот и тимот активно работи фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

-Авторот во фокус – Дејан Дуковски ќе биде наш гостин и заеднички ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Освен постојаните активности на фестивалот, снимаме документарен филм кој треба да ја отслика историјата на фестивалот, но и да ни помогне во понатамошното креирање на современиот македонски театар. За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници кои го создале фестивалов и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници – рече Стојаноска и додаде дека фокусот на фестивалот е да ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.

Мотото на јубилејното издание е „Храбриот нов театар“, според насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932) е инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата „Бура“: О, чудо! Колку прекрасни суштества! / Ах, колку прекрасни биле луѓето! / И колку си среќен со нив, во Новиот Свет!“

Во образложението за програмата на Стојаноска, меѓу другото стои:

Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години. Кога се слави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно – Театар без молк – свет без рамнодушност! Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира. Логично е по претходните фестивалски изданија, водени од мотивите „Враќање дома“, „Промени се, промени сè“ и „Смеј се и осмели се“, да ја бараме главната нишка на театарската и уметничка дејност преку храброста врз основа на антиутопистичката идеја.

Фокусот на јубилејното издание е еден своевиден мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината. Мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме. Шеесетгодишниот јубилеј е точката во која се спојуваат минатото и иднината, традиционалната театарска приказна и новата виртуелна реалност, со надеж дека кога ќе излеземе од комфор-зоната, ќе можеме да се охрабриме да го креираме нашиот нов свет/театар. Храбриот нов театар е нашиот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста!

За време на фестивалот ќе се одржат промоции, дискусии, тркалезни маси после секоја претстава, а исто така, ќе се реализира програмата „Драмолетање“ 2.0. Посебен ден ќе биде издвоен за творештвото на Авторот во фокус. За дизајнот на плакатот се погрижи Ема Велкова.

Покровител на фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и Град Прилеп.

 

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

(ВИДЕО)Ден на тутунските работници: треба правична, транспарентна и одржлива рамка за тутунопроизводството

Организацијата која повеќе децении беше легитимен претставник на тутунопроизводителите – Сојузот на здруженија на тутунопроизводители денеска со собир на претставниците од 15 те здруженија членки на Сојузот, го одбележа Денот на тутунските работници – 4 ти април во Прилеп.  Сојузот на здруженија на тутунопроизводители на Република Македонија постои од 1953...

„Недела на пешаците“ – едукација за учесниците во сообраќајот

Авто Контрол активно се вклучи во реализација на едукативна активност насочена кон подигнување на свеста за безбедноста на пешаците. Активноста е во рамките на националната кампања „Недела на пешаците“, иницирана од РСБСП, а во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот во Прилеп. Традиционално и овој настан беше во...

Деведесет години од смртта на Леонхард Мазинг – авторот на првата докторска дисертација за македонскиот јазик

На денешен ден, 4 април 1936 година, пред 90 години, во Тарту, Естонија од овоземскиот свет засекогаш замина Леонхард Готхилф Мазинг, авторот на првата докторска дисертација за посебноста на македонскиот јазик. Но неговото име никогаш нема да изчезне додека на планетава живее и последниот Македонец. Интересот за македонскиот јазик се...