Идејата да напишам книга за моето родно село се роди прилично доцна, кога речиси сите негови жители го направија истото што и јас – го напуштија. Веројатно сите што го напуштиле селото имаат свои приказни зошто и како го направиле тоа. За себе знам дека селото во кое сум роден го напуштав на рати и многу долго – преку пет децении. Прв пат на подолго време заминав од него на свои дванаесет години а дефинитивно си признав дека ништо повеќе не ме врзува за него – на Илинден 2021 година. Тогаш селото го зафати огромен пожар во кој до темел изгоре нашата куќа (не велем мојата туку нашата, од оправдани причини) и сите објекти околу неа. Тогаш си реков дека моите корења во Костин Дол изгореа и ништо повеќе не ме врзува за него. Ваквото признание ја зацврсти во мене одлуката да напишам книга за ова село. Голема благодарност до Славица Цветкова, која прифати да соработува во создавањето на книгава.
Првите осум години му се враќав еднаш неделно (во саботата попладне итав кон селото а во недела попладне безволно се враќав во градот) како и за време на зимскиот и летниот распуст. Тоа беа годините кога го дооформував основното образование (зошто во Костин Дол имаше настава само до четврто одделение) и продолжив со средно. Во студентските години посетите на родното село се проретчија на едвај неколку пати во текот на годината и месец – два во текот на летото.
Речиси истовремено се случи моето завршување на студиите и заминувањето на моите родители од овој свет (првин татко ми а неполна година по него и мајка ми). После нивната смрт, моите посети на родното село сосема проретчија. Одев понекогаш на празникот Свети Симеон, кога има голем собор кај манастирот во селото, но имаше години кога воопшто не одев. А не одев од причина што ридовите и доловите што некогаш ечеа од човечки довикувања, лаеж на кучиња, звуци на кавал, рикање на говеда, блеење на овци, гровкање на свињи, фискање на коњи, ѕвонење на ѕвонци и клапки … сега се тивки. Толку тивки што таа тишина боли! Го нема мирисот на штотуку испечен ржен леб или штотуку сварено овчо млеко, ги нема мирисите на свежо сено или слама … И птиците ги напуштиле своите вековни живеалишта заедно со луѓето или нивниот број се намалил до тој степен што е вистинска реткост да го чуеш она така познато и милозвучно црцорење.
По изградбата на викендичка во месноста Сивата Вода, во која престојувам секогаш кога немам некоја обврска во градот, моето родно село постојано ми е пред очите. Погледот кон него редовно раѓа далечни спомени, спомени за детски игри, за драги луѓе, за тешки физички работи но и за слатки овошни плодови, за милозвучни мелодии произведени од птичји клун … Згнездено меѓу Црна и Бела Река, сеедно дали се гледа во живо од СВ или на географска карта, делува како посакувана дестинација а во реалноста, селото во кое некогаш вриеше од живот, полека и незапирливо се преобразува во едноличен простор обраснат со дрвја, грмушки и трева, во кој човечка нога одамна не стапнала.
По пат одам …
Во процесот на создавање на книгава, кој траеше повеќе години, контактиравме со неколку десетици ако не и стотина луѓе кои на било кој начин се поврзани со Костин Дол. Најголем дел од нив со радост ја прифатија идејата за создавање на книга за Костин Дол и ја понудија својата подготвеност да помогнат во тој процес со свои искази, податоци и фотографии. Само мал број го игнорираа нашето барање за соработка а зачудува податокот што неколкумина интелектуалци крајно некоректно се однесуваа при обидот да комуницираме со нив. Како да се срамеа од можноста да бидат споменати во било каков контекст со селото Костин Дол.
Покрај текстовите и фотографиите, во книгава се поместени и голем број фамилијарни стебла. Сакавме да оставиме писмен траг за сите кои некогаш живееле во ова село, барем 100 до 150 години наназад и за нивните потомци. За да го оствариме тоа преку локалните медиуми и социјалните мрежи упативме јавен повик за соработка и осваривме контакти со над стотина лица со костиндолски корени што бараше многу време и напор. Се покажа дека прибирањето податоци од така голем број информатори, нивно вкрстување и проверка е многу макотрпна работа. И покрај сите наши напори и контакти со толку голем број лица, во некои фамилии не можевме да обезбедиме податоци за некои нивни членови, па се наведени само со име а некои и без име (како син или ќерка) или со симболите НН односно ММ. Свесни сме дека, и по ова, останале лица со костиндолско потекло кои не сме ги споменале. Можни се и грешки во објавените податоци поради даден погрешен податок од информаторот или погрешно направен запис од наша страна. На сите нив најискрено им се извинуваме.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.