Изложба за 55 годишното ликовно творештво на Боро Арсовски – Бабата

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

На 14 ноември 2025г/петок/од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена ретроспективна изложба на слики “ 55 години ликовно творештво на Боро Арсовски – Бабата“.

При обидот за евалуација на авторскиот придонес кон македонската наива, како едно специфично движење на неакадемските ликовни уметници коешто ги зафати овие простори во текот на доцните 60-ти и раните 70-ти години, неизоставно е името на авторот Боро Арсовски – Бабата.  Во таа смисла и одбележувањето на овој значаен јубилеј на Арсовски е настан којшто е значаен за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко (Србија, Хрватска и Словенија) како и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става во редот на најзначајните  претставници на македонската наива. Впрочем, неговата авторска големина ја потврдува и Ретроспективната изложба на слики „55 години ликовно творештво на Боро Арсовски – Бабата“ кадешто посетителите ќе можат да ја видат ликовно-продукциската траекторија на овој врвен автор во периодот од 1970-тата до денес. Притоа забележителни се неговите напори за доследно почитување на една сликарска парадигма која во себе содржи прецизен цртеж, фигуративно-колористички баланс,  автентична македонска орнаментика, костимографија и архитектура, мирен рурален секојдневен амбиент осветлен од македонското сонце.  Композициската поставеност се движи во две насоки: едната преферира панорамска визура со многу фигуративни елементи рамномерно поставени на сликарското платно,  додека вториот пристап е со ставање на една фигура во прв план – обично портрет со запазени морфолошки карактеристики или некоја архетипска фигура (овчар, кавалџија, домаќинка) – и околу нив најразлични фигуративни елементи коишто треба да му дадат насока на гледачот. Тука се гледа способноста на Арсовски за визуелна нарација,  давање филмска динамика на содржината на сликата, а понекогаш присутно е и навлегување во сферата на надреалното. Неговите слики говорат за едно време коешто не постои денес, поточно, зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина. Единствената слика којашто се занимава со современи теми е сликата „Бегство“ изработена во 2025  година и претставува извонредно авторско остварување во коешто се сублимирани сите творечки квалитети на овој автор. Токму оваа слика говори за постоечките капацитети на Арсовски којшто е во повозрасни години но сè уште може да направи ликовна проекција во негов стил, од која суптилно зрачи пораката: време е за бегство од бетонската џунгла! Како автор на многу слики коишто се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за уметникот Боро Арсовски – Бабата можеме да кажеме дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, можеме да го сметаме и за хроничар на едно изминато време коешто подразбираше симбиоза на човекот и природата, вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста честитајќи го 55-годишниот јубилеј и изразувајќи благодарност за огромниот придонес во промовирање на македонското ликовно творештво во светски и регионални рамки! –

Инаку, Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Основно и средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Член е на УСУ-Галерија “Југославија” Белград. Од 1986 година членува во УСУ “Трета димензија” Белград. Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во : Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Р. Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Р. Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Р. Србија, Требње – Р. Словенија. Има учествувано на преку 200 групни изложби и 5 самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје, за кои имало најголем интерес, најдолго се лицитирани и најскапо продадени. Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма. Едниот во продукција на Македонска Радио Телевизија, а вториот филм е снимен за меѓународениот филмски фестивал “Златни сунцокрет” во Р. Србија кој е награден со златна плакета.

 Боро Арсовски – Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничка Галерија “Art Gallery Arsovski”.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Формирани Комисии за работа на Советот на Општина Прилеп

На 02-та седница на Советот на Општина Прилеп во новиот состав,  советниците со мнозинство на гласови како прва точка на дневниот ред советниците го усвоија предлог-решението за верификација на мандат на Катерина Пузеска за член на Советот на Општина Прилеп.На дневен ред потоа беа усвоени прделозите за формирање на комисии кои...

Повоторно лага за сообраќајка на близок – измамена 88 годишна старица од прилепчанец и крушевчанец

Полицијата уаспи прилепчанец и крушевчанец за телефонска измама со добро позната лага дека близок член на семејство направил сообраќајка и се потребни пари да се извлече од ситуацијата. Овој пат жртва на измамниците биле 88 годишна жена од Битола, а повикот се случил кон крајот на август. -Пријавените довеле во...

Блерим Ислами официјално ја презеде функцијата градоначалник на Општина Долнени

Денеска, Блерим Ислами официјално ја презеде функцијата градоначалник на Општина Долнени. По тој повод тој на својот ФБ профил напиша: Тој доаѓа на местото градоначалник од Коалицијата ВЛЕН.