Изложба на фотографии „Булки“ од прилепскиот уметник Милан Темелкоски

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ на 9 мај, петок, во 18.00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Булки“  од прилепскиот уметник Милан Темелкоски.

Милан Темелкоски е етаблирано фотографско име од Прилеп, роден во 1953 година. Пензиониран е, но не и од фотографијата – страст што ја негува повеќе децении. Неговото име е длабоко врежано во македонската фотографска сцена, посебно преку неговата работа во Институтот за старословенска култура – Прилеп и преку долгорочната и плодна соработка со Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и истоимениот фестивал.

Неговото творештво е особено препознаено во областа на археолошката, музејската и театарската фотографија, каде што умее да долови и документира културно-историски вредности со прецизност и емоција. Со текот на времето, Темелкоски поминува низ сите технолошко-естетски трансформации на фотографијата, но останува верен на автентичниот визуелен израз и на природната светлина. Оваа изложба ја претставува неговата понова авторска фаза, инспирирана од природата и пејсажот – со посебен акцент на дивите цветови што мајка му Панде ги нарекувала божуриги, поим кој сега за него има силна сентиментална вредност. Милан Темелкоски не фотографира само за окото – тој создава за да ги поврзе: човекот со природата, минатото со сегашноста, поетското со документарното.

Изложбата носи едноставен наслов — Булки, но зад него се крие подлабока, лична приказна на Милан Темелкоски. Во говорот на неговата мајка Панде Темелкоска, булките биле нарекувани „божуриги“ — збор што авторот со љубов го задржува како дел од мајчиниот јазик и детските сеќавања. Тоа име, всадено во говорното и емоционалното ткиво, денес живее во ново светло — пред неговиот објектив. Поттик за изложбата е една пејзажна слика на сликарот Кирил Гегоски, долгогодишен пријател на Темелкоски, на која булките се прикажани во прилепската околина, уловени од неговото набљудувачко око. Тоа сликарско доживување остава силен впечаток кај Темелкоски, кој чувствува потреба да ги забележи овие цветови и во својот медиум — фотографијата. Така, божуригите стануваат повеќе од мотив, тие се сеќавање, симбол и визуелна медитација. Најголем дел од фотографиите се направени на Плаошник. Булките не се осамени, туку се дел од поширок пејзаж, во дијалог со старите камени ѕидини, зелените падини и бескрајното охридско синило. Црвенилото на булките и синилото — небесно или езерско — се присутни речиси на секој кадар, како визуелна порака за нужното единство меѓу човекот и природата. На сликите е присутна и успокојувачката питомина на планината Галичица и зелените прегратки на шумичките околу Плаошник и Самоиловата тврдина.

Темелкоски снима од различни ракурси, со изразена смисла за композиција и длабока почит кон мотивот. Нему му се туѓи технолошки егзибиции што би ја нарушиле автентичноста на пејзажната глетка. Секоја фотографија дише тивко, но присутно — како сведоштво за нешто што вреди да се забележи, но и да се почувствува.

Во булките е симболиката на животот и минливоста, на љубовта и смртта, на невиноста и отпорот. Нивната појава во нашите речници како „див афион“ или „тутенка“ сведочи за културна длабочина, распослана од антиката до денес. Во тој спектар, фотографиите на Темелкоски нè потсетуваат — на тишината на пејзажот, на вредноста на споменот, и на убавината што преживува. Изложба што носи возбуда и обврзува на паметење – вели Слободан Беличанец

 

 

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

(ВИДЕО)Реколта 2025 та рекордна, за 2026 во очекување се повисоки цени за новите договори

Откупот на тутунот е пред самиот крај, на 10 денови пред законскиот утврден рок откупени се над 26 000 тони ориентален ароматичен тутун, што е далеку над очекувањата. „Откупот за реколтата 2025 та година е пред крај, откупени се 99 отсто од количините на тутун. За среќа некаде околу 26...

Се доуредува последниот дел од плоштадот Методија Андонов Ченто

Пешачката зона кај хотел Скопје и пред Участокот и делот кон катната гаража кај старата автобуска станица се доуредува. Неколку денови градежната механизација го отстранува стариот слој на асфалт, се подготвува теренот за поплочување и урбано уредување на просторот. Градоначалникот Дејан Проданоски на увид во градежните активности истакна дека овој...

Уште една кадровска промена во Прилеп

Кадровска промена во ЈКП “Водовод и канализација” .- Прилеп. Ѓоко Јочкоски е именуван за нов директор на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп. Јочкоски е дипломиран машински инженер со долгогодишно работно искуство во ова ЈП “Водовод и канализација”- Прилеп. “Очекуваме нови позитивни промени и одлично функционирање на претпријатието како ефикасен сервис...