Со претставата „Хаос“ на Народен театар Штип вечерва во 20:15 часот свечено ќе биде отворено 63. издание на Драмски аматерски фестивал, чиј традиционален домаќин е Кочани.
Претставата е режисерско остварување на Александар Ивановски, работена по текст на Мика Милиахо.
Во текот на петте фестивалски дена, на сцената на Центар за култура „Бели мугри“ ќе бидат изведени вкупно девет претстави. Од нив, четири се од Македонија, четири од Србија – две од Ниш и по една од Врање и Стара Пазова, како и една претстава на аматерски театар од Подгорица.
Покрај штипскиот Народен театар, македонската сцена ќе ја претставуваат и Училиште за театар „Од игра до претстава“, гимназијалците од СОУ „Св. Климент Охридски“ и членовите на Аматерски театар при ДК „Иван Мазов Климе“.
Фестивалот ќе биде затворен на 20 мај во 19 часот со претставата „Тестостерон“ на кавадаречкиот ансамбл, во режија на Јордан Витанов.
Претставите ќе се играат денеска, како и на 16, 17, 18 и 20 мај, во вечерни термини на сцената на ЦК „Бели мугри“.
Годинешното 63. издание на фестивалот, според објавената програма, ќе се одржи без детската програма, без делот со традиционалните придружни содржини и без претстава од домаќинот Кочани.
Генерални покровители на фестивалот се Министерство за култура и туризам и Општина Кочани, со поддршка од неколку општествено одговорни компании.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









