Од денеска, 23 февруари, започнуваат Велигденските пости – најдолгиот и најстрогиот пост во православната традиција, кој му претходи на најголемиот христијански празник – Воскресението Христово.
Годинава постот трае 48 дена, од 23 февруари до 12 април.
Според правилата на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, од понеделник до петок се пости на вода, во сабота и недела е дозволено масло, додека риба е дозволена само на два големи празника – Благовештение (7 април) и Цветници.
Прва седмица – Чиста (Тодорова) недела Најстрога недела од постот.
Првите три дена традиционално се одбележуваат со т.н. тримирје – целосно воздржување од храна.
Во четврток е дозволено масло, во петок се пости на вода, а за викенд – на масло.
Втора седмица – Пачиста недела
Понеделник се пости на масло (празник на Свети Теодор Тирон), од вторник до петок на вода, а за викенд е дозволено масло.
Трета седмица – Крстопоклона недела
Верниците се поклонуваат на Светиот крст.
Понеделник се пости на масло, од вторник до петок на вода, а викендот е дозволено масло.
Четврта седмица – Средопосна недела
Се наоѓа на средината од постот.
Од понеделник до петок се пости на вода, а во сабота и недела на масло.
Петта седмица – Глува недела Период на тишина, покајание и воздржаност од веселби.
Се пости на вода во текот на работната недела, а за викенд е дозволено масло.
Шеста седмица – Цветна недела
Во сабота (Лазарева сабота – Врбица) е дозволено масло, а во недела, на Цветници, е дозволена риба – првпат за време на постот.
Седма седмица – Страдална (Страсна) недела
Најстрогата недела пред Велигден.
Во понеделник се пости на вода, на Благовештение е дозволена риба, во одредени денови масло, додека на Велики петок се препорачува целосно воздржување од храна.
Со Велигден завршува Великиот пост.
Свештениците потсетуваат дека постот не е само телесно воздржување од храна, туку и духовно прочистување, молитва, прошка и добри дела.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









