Денес стојам пред сите вас со огромна чест, но и понизност, со огромна благодарност и чувство на одговорност. Со гордост и љубов кон градот во кој сум израснал, го прифаќам предизвикот да бидам кандидат за градоначалник на Општина Прилеп. Овој предизвик не е лесен – и никогаш нема да биде. Но токму затоа го прифаќам со целото срце и со целата одговорност што ми ја доверивте сите овие години. За мене, ова не е само предизвик – ова е обврска. Обврска кон вас, кон Прилеп, кон иднината на нашите деца. Го правам тоа не затоа што патот е лесен, туку затоа што верувам во секој еден од вас и знам дека заедно можеме да го изградиме Прилеп како достоен град, кој ќе биде рамо до рамо со развиените градови. Прилеп е град со историја, со традиција, со дух кој никогаш не се предал. Град на херои, град на тутун, на култура и вредности што траат низ генерации. Но, исто така Прилеп е и град кој заслужува повеќе, заслужува нова енергија, модерен развој, град каде младите ќе останат и ќе ја градат својата иднина, а повозрасните ќе уживаат во достоинствен живот. Ќе се гледаме, ќе зборуваме и ќе работиме. Само заедно можеме да го издигнеме Прилеп. Благодарен сум за поддршката што веќе ја добивам од вас, мои сограѓани. Благодарен сум за довербата што ми ја укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф.д-р Христијан Мицкоски, како и Извршниот комитет. Благодарен сум и на д-р Борче кој го започна патот на реструктуирање на општината и ги постави темелите на чесно работење. Тие доверби за мене не се само признание, тие се и обврска. Обврска да дадам сè од себе за Прилеп! Но ова не е само моја лична борба. Ова е наша заедничка. Да направиме Прилеп да биде симбол на развој и иднина, Прилеп каде што секој ќе има еднаква шанса, каде улиците ќе бидат полни со живот, парковите со детска радост, а семејствата со сигурност и надеж. Го имате мојот збор: нема да ве изневерам. Ќе бидам со вас и за вас на секоја улица, во секоја населба, во секоја борба за подобар живот. Барам поддршка од секој прилепчанец без разлика на верување, припадност или идеологија. Ова е моментот кога мора да бидеме едно. Затоа што Прилеп е над сите разлики. Прилеп е нашата заедничка куќа. Од денеска, ќе бидам уште почесто меѓу вас. Ќе слушам, ќе решавам, и заедно ќе градиме со визија и план. Заедно ќе ја оствариме нашата цел. Заедно ќе го направиме Прилеп град достоен за својата историја и за својата иднина! Прилеп е нашиот град. Нашата љубов. И Прилеп ќе победи!