ЧУДОТО НА ПОЕТСКИОТ ЗБОР

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Пишува Елизабета Филипоска

Јас знам многу малку за поезија. Не сум напишала песна и мојот израз не е поетски. Сметав дека поезијата говори само за љубов кон саканите, татковината, можеби и за напуштените  или осамените…

Но, дека само во еден час може толку многу, едноставно, динамично, природно и суптилно, префинето, истенчено и лесно,  да се опише културата, традицијата,  историјата, на еден народ, да се опише чувството како треба да се почитува и негува националниот идентитет и вербата, да се осознае вредноста на зборот и убавината на дијалектите преку кои се раскажува и почитува времето на творештвото и културата на еден  народ, но и да се пренесе поврзаноста и почитта кон други народи –  искрено, сето ова да „застане“ во едно,  не очекував од поетска, книжевна вечер.

Дојдов на настанот  КНИЖЕВЕН ПЕРФОРМАНС НА ВЛАСТА ЦЕНИЌ во ЈОУ ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ПРИЛЕП сметајќи дека тоа нема да биде ништо поразлично од стадардни поетски читање, како и на сите вообичаени поетски  дружби – се читаат песни и се аплаудира на авторот за неговиот труд итн.

Власта Цениќ- поет, новинар

Но, енергијата,  перформансот исполнет со музички и гласовни елементи од други поети, (пуштени преку телефон),со актерска осмислена сцена, српскиот поет, новинар, книжевник, водител, Власта Н. Цениќ , познат по своето творештво за деца, на мајсторски начин ја одигра својата улога и ја освои прилепската публиката,  која за чудо, беше на возраст од 10 до 70 години и сите уживаа до крај.  Децата дури направија и ѕвездено небо, како на естрадните ѕвезди, кога на средината од настанот прекина електричната енергија во салата на библиотеката. Но, тоа не спречи ништо и не го намали интензитетот на рецитаторскиот мајстор, туку напротив, рецитирајќи од стихозбирката „Бате ќе се жени“ и други свои песни, користејќи призренско-тимочки дијалект,  Цениќ ја  раскажа приказната за својот народ и неговата историја од сите аспекти, во еден час.

Преку дијалектите во стиховите, фолклорните мотиви, па дури и специфичната стилска обработка, тој го претстави културениот идентитет на својот народ, носејќи го и презентирајќи го при тоа и духот на својот народ низ времето. Неговата способност да комбинира традиционални и современи елементи во поезијата беа воодушевувачки. Како само му успеа?! Во тоа, неверојатно му помогнаа и „дечките“ од ЗОКУМ,  Лина Димска и Филип Димкоски, кои, жими бога, крајно успешно, влегуваа во стилот на поетскиот перформанс, но нишлиецот инспиративно „одржа““ поетска лекција.

Суптилно и перфектно, умешно со доза на шарм и глума, рецитирајќи поезија и’ раскажуваше на публиката за значењето на српските поети, познати по своето творештво за деца, Десанка Максимовиќ, Јован Јовановиќ- Змај итн, чии ликови беа отсликани на чадорче за дожд кој го отвори во салата; раскажуваше за  српската историја „цар Душан сакал да биде роден во Ниш“ опишувајќи го Ниш во далечниот 19 век, за српската традиција преку нишкиот дијалект, за кавалот, дудукот, гајда  и тапанот, но и за трубите карактеристични за Златибор, за потоа да пренесе колку е стар пишаниот збор во Србија, дека поезија за деца се пишувало уште во далечната 1806 година, пред  Змај,  и во еден здив, преку стихови, да ја раскаже историја, традицијата, убавината и културната, книжевна големина на својот народ. Не заборави и да не’ освои, со неговите песни на српски јазик, една посветена на Борка Талески, во чест на библиотеката, и другата посветена на  кодификаторот на македонскиот јазик и големот македонски  поет, Блаже Конески, за да потврди дека различните култури треба да се почитуваат.

 

Поезијата наеднаш стана чудесна! Способна да допре до длабоките слоеви на емоциите, да поттикне размислувања и да создаде слики во умот со само неколку стихови: за себепостоењето, за македонскато културно и цивилизациско наследство, за традицијата и историјата, за книжевните парчиња уметност од Констандин Миладинов,  Прличев, Жинзифов, Кочо Рацин, Блаже Конески…на кој им треба само нова форма за да допрат и да се постојано во нашето секојдневие, да оживеат, да се шират и раскажуваат, за да го цениме и вреднуваме нашето постоење… Поезијата како магија го претвори обичното во исклучително и остави простор и за заклучок – и ние сме народ кој е дел од нешто големо  – со исклучителни умови, фолклор, традиција, јазик и пишан збор, и ние имаме корени, историја и културна светлина – ни недостига само, ете тоа, повеќе СЕБЕПОЗНАВАЊЕ и СЕБЕВРЕДНУВАЊЕ!

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Од 18 до 20 јули во Прилеп ќе се одржи Пиво фестивалот

Од 18 до 20 јули во Прилеп ќе се одржи традиционалниот Фестивал на пивото и на скарата – „Пивофест”. Со  Пиво фестивалот во средината на месец јули, Прилеп ќе биде центарот на забавните случувања. Со цел да се вклучи и јавноста ,организаторите поудија и опција за граѓаните да даваат свои...

Прилепчанец криумчарел тутун и текстил – полицијата го уапсила кај Д.Хисар

Прилепчанец криумчарел 13 кл тутун и текстил.Тутунот е одземен и предаден на Царинска управа Битола. Имено, на 30.05.2025 полициски службеници од ОВР Демир Хисар, по претходно добиени оперативни сознанија, на патот Демир Хисар – Кичево сопреле товарно моторно возило “цитроен” со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.Б.(39) од Прилеп. При...

Ученици од ООУ Гоце Делчев- Прилеп блеснаа со знаење на Oлимпијадата по англиски јазик HIPPO 2025

На овогодишната Меѓународна олимпијада по англиски јазик HIPPO 2025, Европски квалификации за Светско првенство, која се одржа во Италија (Венеција) од 26 до 28 мај,  ученици од ООУ Гоце Делчев – Прилеп  достојно го претставија  училиште . Учениците, Дариа Цуцуловска од Vв одделени, по менторство на  доц д-р Марија Дулевска...