Летото 2026 година во Македонија се очекува да биде значително потопло од повеќегодишниот просек.
Според најновите прогнози, земјава ќе биде под влијание на чести и интензивни топлотни бранови од Африка, кои ќе донесат екстремно високи температури.
Во поголемиот дел од државата температурите често ќе надминуваат 35 степени Целзиусови, додека во Повардарието, Скопската Котлина и југоисточните предели тие неретко ќе се искачуваат над 40 степени, особено во текот на јули и август.
Се очекува појава и на таканаречени тропски ноќи, кога температурите ниту во текот на ноќните и раните утрински часови нема да се спуштаат под 20 степени, што ќе биде најизразено во Повардарието, Скопската Котлина и југоисточниот дел.
И покрај доминацијата на топлото време, повремено се очекуваат и освежувања проследени со развој на конвективна облачност, што ќе создава услови за поројни врнежи од дожд, силни грмежи и засилен ветер.
Во текот на летото ќе има и временски непогоди со појава на град и интензивни електрични празнења, а на одредени места тие може да бидат и поизразени.
Сепак, според метеоролозите, нема простор за паника кај граѓаните.
Ваквите екстремно високи температури се карактеристична појава за летниот период во Македонија и биле забележувани и во минатото, како дел од климатските услови со кои земјата се соочува во најтоплиот дел од годината.
Извор: Прес 24
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









