Со голем аплауз биле поздравени авторите на филмот „Руини“, дебитантскиот долгометражен документарен филм „Руини“ на Елена Чемерска, на светската премиера на 14 јуни на фестивалот во Шангај, соопшти продукцијата на социјалните мрежи. Документарецот на Чемерска е за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.
Филмот, во продукција на „Синема Футура“ во Шангај, фестивал од А категорија, игра во конкуренцијата за награди во селекцијата за документарци.
„Проекцијата се одржа пред преполна сала и беше проследена со разговор со публиката, која со голем интерес ги сподели своите впечатоци за филмот. По проекцијата следеше средба со бројните посетители, кои ги поздравија авторите со долги аплаузи и интерес за фотографирање и автограми“, објави продукцијата на Инстаграм.
Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска, копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева, а извршен продуцент е Атанас Георгиев.
’Руини’ произлезе од мојот долгогодишен ангажман околу ревитализацијата на Споменикот на слободата, низ кој се обидував да ја дофатам формата на една идеја што длабоко се всади во мене, а која надвор од сликата што се обидував да ја обликувам – преку документарен пристап, архивски материјали и конструирани кинематски ситуации – остануваше недофатлива. Во текот на речиси една деценија работа околу споменикот, поимот руина за мене престана да се однесува само на материјалната состојба на нештата. Почнав да ја препознавам и како состојба низ која поминуваат луѓето, идеите и сликите што ги создаваме. ‘Руини’ е резултат на тоа истражување“, ни рече режисерката и визуелна уметница Чемерска за филмот пред премиерата.
Филмот премиерно беше прикажан на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, во Филм арт Центарот во Шангај. (Фото: Инстаграм)
Кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата на Владимир Гојун и Горјан Атанасов. Композитор е Игор Василев Новоградска, дизајнер на звук на Лука Гамулин.
Филмот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд. „Руини” е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, во соработка со „Филмтрик“.
Извор: СДК
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









