Оваа сабота, 6 јуни, матурантите од двете средни училишта во Кочани ќе го полагаат првиот екстерен испит од државната матура. Испитот започнува во 9:00 часот, а училиштата ги имаат завршено сите неопходни подготовки за негово непречено реализирање.
Во СОУ „Љупчо Сантов“ вкупно 132 ученици ќе пристапат кон полагање на матурски и завршни испити.
Од нив, 129 ученици ќе полагаат државна матура, двајца ученици училишна матура, а еден ученик ќе полага завршен испит.
Полагањето во ова училиште ќе се одвива на повеќе локации во училишниот објект, односно во спортската сала, конференциската сала, како и во холовите на првиот и вториот кат, со цел да се обезбедат соодветни услови за сите кандидати.
Во СОУ „Гошо Викентиев“ матура ќе полагаат вкупно 93 ученици.
Од нив, 72 ученици се пријавени за државна матура, додека 21 ученик ќе полага државна стручна матура.
Според податоците од училиштето, англиски јазик како предмет за екстерниот испит избрале 78 ученици, додека математика ќе полагаат 16 ученици.
Вториот екстерен испит од државната матура е закажан за 11 јуни во истиот термин, кога матурантите ќе полагаат јазични предмети согласно нивниот избор.
Термините за интерните испити се утврдени во согласност со учениците и наставниците, со цел успешно завршување на матурскиот процес за учебната 2025/2026 година.
На сите матуранти им посакуваме успех и високи резултати на претстојните испити.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









