Со почетокот на летната сезона и најавените високи температури, значително се зголемува ризикот од појава и брзо ширење на шумски пожари.
Поради тоа, Територијалната противпожарна единица Кочани упати апел до граѓаните за максимална внимателност и одговорно однесување при престој во природа.
Од ТППЕ Кочани потсетуваат дека е строго неопходно да се избегнува палење оган на отворен простор, како и фрлање отпушоци од цигари во сува трева или покрај патишта.
Исто така, се апелира да не се палат стрништа, отпад и сува вегетација, бидејќи и најмалата искра може да предизвика пожар со сериозни последици.
Пожарникарите предупредуваат и на опасноста од оставање стаклени предмети во природа, кои под влијание на високите температури можат да станат причина за избувнување пожар.
Доволен е само еден момент на невнимание за да настане пожар кој може да уништи шуми, земјоделски површини и живеалишта на диви животни, а истовремено да ги загрози човечките животи и имоти, посочуваат од ТППЕ Кочани.
Доколку граѓаните забележат пожар или чад, потребно е веднаш да пријават на телефонските броеви 193 или 112.
Од противпожарната единица упатуваат порака дека превенцијата останува најдобрата заштита и повикуваат на заедничка грижа за зачувување на природата, шумите и животната средина.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









