Филмот за обновата на Споменикот на слободата во Кочани ќе има светска премиера во Шангај

Оригинален линк на написот: Radiokocani.mk

Документарниот филм „Руини“ на македонската режисерка и визуелна уметница Елена Чемерска, што ја следи приказната за обновата на Споменикот на слободата во Кочани, ќе ја има својата светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Шангај.

Остварувањето е избрано во официјалната документарна конкуренција на фестивалот, а првата проекција е закажана за 14 јуни.

Филмот е инспириран од долгогодишната работа на Чемерска околу ревитализацијата на еден од најзначајните споменици на современата македонска уметност.

Низ документарен пристап, архивски материјали и лични сеќавања, „Руини“ ја истражува врската помеѓу колективната меморија, идејата за слобода и личното искуство на загуба.

Според авторката, проектот настанал како резултат на речиси десетгодишно истражување поврзано со споменикот и неговото значење.

Во тој процес, поимот „руина“ добил поширока смисла – не само како опис на физички оштетен објект, туку и како состојба низ која минуваат луѓето, идеите и сеќавањата низ времето.

Споменикот на слободата во Кочани беше повторно претставен пред јавноста во декември 2024 година, по обемна двегодишна реставрација.

Обновата беше реализирана со грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културното наследство, а проектот беше спроведен од Општина Кочани во соработка со повеќе домашни и меѓународни експерти.

Лоциран на ридот Локубија над Кочани, споменикот е создаден според уметничко-архитектонското решение на Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.

Изградбата започнала во 1975 година, а комплексот бил целосно завршен во 1981 година.

Во јавноста е познат и како Тврдина на слободата или Храм на слободата.

Посебна вредност на споменикот претставуваат мозаиците со вкупна површина од 335 квадратни метри, кои ја прикажуваат историската борба на македонскиот народ за слобода – од Илинденскиот период до Народноослободителната борба.

„Руини“ произлегува од проектот „Татковина: Споменик на слободата“, инициран од Чемерска во 2017 година.

Во рамките на оваа иницијатива беа воспоставени бројни меѓународни соработки меѓу уметници, конзерватори и културни работници со цел да се обезбеди долгорочна заштита и афирмација на споменикот.

За разлика од проектот кој беше насочен кон физичката обнова на локалитетот, филмот се фокусира на личната и емотивната страна на приказната.

Преку архивски снимки, семејни спомени и современи кадри од споменикот, авторката отвора прашања за тоа што може да се зачува и обнови, а што засекогаш останува изгубено.

Кинематографери на филмот се Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата ја потпишуваат Владимир Гојун и Горјан Атанасов, музиката е на Игор Василев Новоградска, а дизајнот на звук на Лука Гамулин.

„Руини“ е реализиран како копродукција меѓу Македонија, Хрватска и Словенија, со поддршка од повеќе регионални филмски институции и организации од областа на културата и аудиовизуелната дејност.

Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Четврт век спомени – генерациска средба по повод 25 години од матурата

По повод одбележувањето на 25 години од матурирањето, учениците од генерацијата 1997-2001 година од гимназијата СОУ “Љупчо Сантов” Кочани организираа свечена генерациска средба, која ги обедини некогашните соученици, професори во атмосфера исполнета со емоции, спомени и радост. По четврт век од последното заедничко училишно ѕвонче, матурантите повторно седнаа на иста маса, потсетувајќи се на деновите

Tри медали за К.Б.К. „Лидер“ од Балканското првенство во Нови Сад

Нов успех за виничкиот спорт и Кик-бокс клубот „Лидер“ на меѓународната сцена. Како дел од македонската кик-бокс репрезентација, натпреварувачите од клубот остварија забележителни резултати на Балканското првенство што се одржа во Нови Сад, Србија. Ева Јанкулова го освои сребрениот медал во својата категорија, Лука Савев исто така се закити со сребрен медал, додека Филип Велинов

Навивачи спречувале и нападнале полицајци по фудбалски натпревар во Кочани

На 30.05.2026 во 18:40 часот во Кочани полициски службеници од ОВР Кочани ги лишија од слобода Б.Б.(27) и П.Н.(28) двајцата од Гевгелија поради тоа што по завршување на фудбалски натпревар помеѓу ФК ,,Кожув – Гевгелија“ од Гевгелија и ФК ,,Борец 1919“ од Велес на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани, истите кои го следеле настанот