Советничката група „Доста беше“ денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Кочани против градоначалникот Владко Грозданов и претседателот на Советот, Александар Андов. Според нив, причината е судир на интереси поради истовремено извршување на повеќе функции од страна на претседателот на Советот, како и тоа што градоначалникот не го разрешил од директорската позиција.
Советничката група на ,,Доста беше“ поднесе кривична пријава до градоначалникот на општина Кочани, поради непостапување за судирот на интереси на претседателот на Советот на Општина Кочани, за кој денес исто така поднесовме кривична пријава. На 4 март како советничка група поднесовме барање за постапување до градоначалникот на Општина Кочани по изјаснетото мислење од Државната комисија за спречување на корупција. Досега нема никаква реакција, градоначалникот досега требаше да реагира и да го разреши од директорското место на основното училиште претседателот на Советот. Како што е наведено и во упатството при судир на интереси и во политиката за интегритет на Општина Кочани. Прашањето кое се поставува е кој кого штити во оваа политичка игра која е деструктивна за граѓаните, дали партиски следбеници се штитат едни со други на сметка на балансот на интегритетот на институциите. Советничката група на ,,Доста беше“ нема да се откаже од разрешувањето на оваа незаконита ситуација и ги повикуваме и другите политички и не политички активни посилно да реагираат и да ни се придружат, посочи на утринскта прес конференција, Филип Цветанов, советник од советничката група ,,Доста беше“.
На прес-конференција, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов најави дека очекува конечна разрешница за случајот со директорот на ОУ „Никола Карев“ Александар Андов.
Притоа, тој истакна дека правната постапка се води согласно законските прописи, како што се обврзал уште од преземањето на функцијата за доследно и одговорно работење.
Предметите не стојат во фиока, постапуваме чесно, домаќински и одговорно – нагласи Грозданов, осврнувајќи се на реакциите од советничката група „Доста беше“, која на 4 март, поради неспоивост на функциите директор и член на Советот, достави барање за разрешување на директорот на „Никола Карев“.
По приемот на барањето, Општина Кочани побара мислење од Државната комисија за спречување корупција, кое пристигна на 1 април. Во него се наведува дека директорот е должен да ги почитува правилата за неспоивост на функции. Со дополнително известување од 14 април, Комисијата укажа дека градоначалникот треба да постапи согласно законските прописи – односно да го разреши директорот или тој самиот да поднесе оставка. На 21 април, до директорот испративме известување со целосното мислење на Комисијата и барање да постапи во разумен рок. Од училиштето нѐ информираа дека со ситуацијата е запознаен и Училишниот одбор, кој побара дополнително време за да заземе став – соопшти Грозданов.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









