Се случи пред точно една година.
Беше вообичаена саботна вечер, 15-ти март.
Ништо, ама баш ништо не наговестуваше дека за само неколку часа ќе се сврти светот наопаку и дека Кочани ќе ја доживее најголемата катастрофа во своето постоење.
Сè започна и заврши помеѓу 2 и 3 часот наутро. На 16-ти март. Забрзани возила, некои и со вклучени сирени одекнуваа на улиците. Излеговме на тераса и почувствувавме силен мирис на чад.
Нешто се запалило, не знаевме што.
Телефоните почнаа да ѕвонат, а на социјалните мрежи, пораки и фотографии.
Се запалила дискотеката во Кочани, за која знаевме дека вообичаено ја посетуваат млади, особено за викенд.
Уф, само да нема повредени, беше првата помисла, но веднаш се подготвив како претставник на локален медиум да одговорам на задачата.
И претходно, за 2-ри Август – Илинден известував за голем пожар, но тогаш немаше ниту жртви, ниту повредени.
И сега ќе биде така, си помислив, но брзо стигнав на местото на настанот, мислејќи да направам снимки од пожарот, за кој знаев дека кога ќе се раздени ќе го нема.
Паркирав подалеку, имаше голем број цивилни возила и возила на противпожарната единица и комбиња на полицијата.
Снимањето го започнав од задната страна на објектот, од каде пожарникарите видно возбудени, веќе го гасеа огнот.
Се „шмугнав“ покрај зградата во пламен и бев принуден да поминам одоколу, зошто нешто можеше да ми падне на главата.
Чадот беше густ и неподнослив, па со блузата ги покрив устата и носот.
Но, кога веќе дојдов од спротивната страна каде што беше единствениот влез-излез имаше што да видам.
Гласови, лелеци, пискотници од сите страни.
Веднаш помислив, ова не е само обичен пожар, овде има и повредени. За жртви не ми падна ни на крај памет.
Од тесната врата се извлекуваа млади луѓе кои од стампедото што настанало останале заглавени на скалите, на влезната врата, во ходникот, во билетарницата, во тоалетите…
Повеќето од настраданите беа живи и ги внесуваа во возилата на пат кон болницата, да им се укаже помош.
Имаше и такви кои само лежеа на асфалтот – онесвестени.
За жртви не ми паѓаше ни на крај памет.
Но одеднаш слушнав: „Овој има пулс – има пулс“ и сите се стрчаа во тој правец.
Тогаш за првпат помислив дека од овој катастрофален пожар ќе има и жртви.
Веднаш ја објавив страшната вест, за која додека пишував и тогаш и сега ми се тресат рацете, но тоа беше должност на новинарот – на медиумот.
Таа недела со сите колеги уште од рано наутро бевме на работа во радиото.
Сите самоиницијативно бевме таму. Уште кога се разденуваше пристигнаа делегации од сите страни.
Започнаа прес конференции, се изнесуваа податоци од полиција, болници и судски извори, но сè уште не беше познат точниот број на жртвите и повредените.
Никој не можеше да претпостави дека тоа ќе биде најголемата трагедија што некогаш се случила на овие простори, со 63 загинати и над 220 повредени млади луѓе.
И светот беше во паника.
Истиот ден пристигнаа известувачи од најголемите светски агенции и телевизии, од сите соседни земји, па дури и централната кинеска телевизија (CCTV), Си-си-ти-ви, која има повеќе од милијарда гледачи. Немаше некој да не е информиран за големата катастрофа.
Сите зборуваа за немилиот настан и искуствата какви никогаш повеќе и никаде не треба да се повторат.
И после една цела година, Кочани ја живее трагедијата.
Ништо веќе не е како порано.
Некои го нарекуваат мртов град.
Иако помош пристигнуваше од сите страни, се чини дека тоа не е доволно.
Потребно е итно да се сврти нов лист.
На младите да им се овозможат услови за културно-забавен и спортски живот.
Да се изградат нови објекти за забава по сите планови и прописи, покриен базен и сè друго што му е потребно на градот, за што сите зборуваат, а засега после една година, се останува само на скици и планови.
Родителите на загинатите млади момчиња и девојчиња се уште ја бараат правадата.
Во тек е судскиот процес за 35 физички и три правни лица за делото „Тешки дела против општата сигурност“.
Родителите на големиот број повредени, сеуште мака мачат со нивното лекување, дома и во странство.
Некои од нив посетуваат лекар и болници и по двапати во неделата.
На Кочани па и на целиот овој Источен регион му е потребна помош во континуитет од сите страни.
Вакво нешто никогаш повеќе да не се повтори, а животот – животот треба и мора да продолжи понатаму!
Се надеваме за доброто на сите.
И.Лазаровски
Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









