Денеска официјално беше промовирана иницијативата WiFi4WB (WiFi за Западен Балкан) во Северна Македонија, со што започна поставувањето на бесплатни јавни Wi-Fi мрежи во 64 општини низ земјата. Церемонијата се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, на една од првите инсталирани мрежи, како дел од координирана серија на промотивни настани кои се одржуваат низ целиот Западен Балкан.
Иницијативата WiFi4WB е дел од проектот EU4Digital, кофинансиран од Европската Унија и Владата на Сојузна Република Германија, а имплементиран од ГИЗ. Инспирирана од програмата WiFi4EU, преку која веќе е обезбеден бесплатен интернет пристап за повеќе од 7.000 заедници низ Европа, иницијативата ќе им овозможи на граѓаните и посетителите бесплатен Wi-Fi пристап во јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции низ Северна Македонија и регионот.
Како дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, иницијативата придонесува кон унапредување на дигиталната поврзаност и регионалната интеграција, при што поддршката од ЕУ и Сојузна Република Германија им обезбедува на општините-учеснички сеопфатен пакет што опфаќа опрема, инсталација, поврзување и одржување на Wi-Fi мрежите за определен период, обезбедувајќи и непосреден ефект и долгорочна одржливост.
Телекомуникацискиот оператор Македонски Телеком беше избран преку јавен тендер за имплементација и одржување на Wi-Fi инфраструктурата, како и за обезбедување бесплатни интернет-услуги на избраните јавни локации низ Северна Македонија.
Отворајќи го настанот, градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, ја истакна важноста на дигиталната поврзаност за локалните заедници, нагласувајќи дека дигиталната поврзаност е предуслов за современ и инклузивен локален развој. Заблагодарувајќи се на сите чинители за имплементацијата на бесплатен јавен интернет во Кочани, Грозданов додаде дека проектот го унапредува пристапот до дигитални услуги, образование и јавни информации и им овозможува на граѓаните и посетителите лесна поврзаност.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, исто така се обрати на присутните, истакнувајќи дека: „Со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен интернет во повеќе од 60 општини низ државата. Тоа значи бесплатен интернет пристап во јавни простори – плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност.Ова не е само удобност. Ова е алатка за еднакви можности, за полесен пристап до дигитални услуги и информации, за помош на локалните бизниси и подобро искуство за посетителии најважно – за намалување на дигиталниот јаз и поголема социјална вклученост“.
В.Д. Шефотна Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, го поздрави отпочнувањето на иницијативата WiFi4WB и нејзината улога во рамките на поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан, истакнувајќи декаЕвропската Унија инвестира во практични решенија кои имаат реално значење за секојдневниот живот на луѓето. „Со WiFi4WB, нудиме бесплатен и сигурен интернет пристап на плоштадите, во библиотеките и јавните простори низ Северна Македонија. Ова е дел од нашата поширока посветеност за унапредување на поврзаноста, поддршка на локалните економии и обезбедување целосна вклученост на заедниците од регионот во дигиталната иднина на Европа.“
Заменик Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Јан-Аксел Фос, ја нагласи важноста на еднаков пристап до дигитални услуги за сите граѓани, посочувајќи дека бесплатниот интернет пристап во јавните простори помага да се обезбеди дигиталните можности и информации стигнуваат до сите, особено до младите, претприемачите и ранливите групи.
Посебен момент на настанот беше потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу ГИЗ и Општина Кочани, со кој се формализира соработката за инсталација, функционирање и долгорочно одржување на мрежата WiFi4WB. По тој повод, Директорот на ГИЗ за Северна Македонија, Давид Оберхубер ја истакна регионалната важност на иницијативата и нејзиниот одржлив модел на имплементација.
Иницијативата WiFi4WB има за цел да го унапреди пристапот до дигитални услуги, образование и јавни информации, како и да ги поддржи малите бизниси, да го подобри искуството на посетителите и да го зајакне локалниот туризам. Со обезбедување бесплатен и сигурен интернет пристап во јавните простори, иницијативата придонесува и кон социјална инклузија и намалување на дигиталниот јаз.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









