Лузните од „Пулс“ и молкот на државата – Кочани бара живот

Оригинален линк на написот: Radiokocani.mk

Два месеци по трагедијата во швајцарскиот град Кран Монтана сите повредени лица и семејствата на загинатите во пожарот што избувна за Нова година, ќе добијат од државата по 10.000 франци, или околу 10.700 евра.

Се работи за итна, еднократна помош за жртвите од трагедијата во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени. На домашен терен, точно по еден месец ќе биде одбележана една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица и над 230 се повредени.

Конкретна парична помош за повредените и семејствата на жртвите од државата нема, откако беше одбиен предлог законот.

При една од ретките посети на Кочани, премиерот Христијан Мицкоски на 2 јануари не даде одговор на многу конкретното прашање – кога ќе има финансиска помош, туку само рече дека тоа е муабет меѓу него и семејствата и не сака да зборува јавно.

Премиерот остана кратко на расправата на Анкетната комисија во Собранието, каде семејствата потсетија на нееднаквиот третман што го имаат.

Дека државата по пожарот во тетовската Модуларна болница во само неколку месеци на двапати додели финансиска поддршка, а нивното барање за обесштетување не е ни одговорено.

Светла точка се иницијативите на граѓаните

Финансиската помош е само еден сегмент на покажана грижа. Граѓаните на Кочани живеат со последиците од трагедијата во секој сегмент. Сите се согласни дека на градот и животот во него застана тој кобен 16 март 2025 година му треба помош за да се придвижи напред. Светла точка се иницијативите кои се појавија и ден денеска пружаат помош на граѓаните, како и акциите на граѓанскиот сектор. Меѓутоа, како што вели Зоран Тодоров од Центарот за солидарен живот „Сакам живот во Кочани“, тие иницијативи за помош не се координирани, ниту пак е доволно да одговори на потребите на целата заедница.

Дали е тоа доволно? Секако дека не е. Мислам дека треба да се искоординира целата таа помош ако сакаме да гледаме дека општеството тргнало во друг правец. Тоа во овој момент не го гладам. Сакам да кажам дека сите лутаме како здруженија, не во смисла дека не знаеме што правиме, туку дека треба да имаме некоја меѓусебна координација за да можеме секој своите ресурси да ги насочи таму каде што е потребно на општеството. А тоа каде е потребно треба да дојде од луѓето кои имаат најголема потреба за тоа. И тоа е мислам, рецептот за успехот, вели Тодоров.

За оваа неполна година континуирана е психолошката поддршка, повторно организирана од граѓански организации. Не изостана и секаков вид на помош околу која се обединија граѓаните. Младите од „Сапорт Кочани“ се ставија во функција на сите на кои требаше да им се помогне со материјални и финансиски средства. Неодамна објавија дека собрале вкупно 22.742.997 денари парични донации – помош на настраданите и повредените во пожарот. Од собраните прилози ќар имаше и државата, која од донациите задржала во износ од 2 274 285 денари персонален данок од собраните донации . Ова наиде на осуда од јавноста. Ваков е ставот и на Анастасија Павловска од иницијативата „Кој е следен?“, која на Анкетната комисија во Собранието од говорницата остро забележа на незаинтересираноста на пратениците за дискусијата. Граѓаните, граѓанските иницијативи и организации според Павловска, ја работат работата на државата. Од друга страна, како што вели, државата дури и профитираше од нив.

Она што ме вознемирува, мене лично , како Анастасија е што парите кои што ги собраа како донации „Сапорт Кочани“ сепак им ги оданочија, што значи државата профитираше од оваа трагедија, а не гледаат мерката која што ја имаат преземено, да не работи ниту едно диско. Тоа директно влијае врз квалитетот на живот на младите не само во Кочани, туку и во цела Македонија. Тоа беше решението, но тоа не е мерка, ниту унапредување на животот на младите. Едноставно продолжуваат да си работат локалите коишто се поврзани со одредени највисоки структури, повторно неследејќи го законот, не постојат инспекции, така што може да заклучиме дека државата апсолутно ништо не направи за да им даде поддршка на овие родители и морам да ја спомнам срамната изјава на премиерот веднаш по седницата на Анкетната комисија, (на која тој беше присутен цели 20 минути): „Ајде да се веселиме, ајде да зборуваме за убави работи“, веднаш откако мајките ја дадоа та трогателна изјава во Собранието“, изјави Павловска.

Петровска: Семејствата се демонизираат јавно

Павловска бара семејствата да бидат заштитени од линчот што се случува во интернет просторот и од притисокот врз нив.

Државата апсолутно ништо не направи за семејствата од Кочани. Дури би кажала дека им го отежнуваат животот на овие луѓе, со тоа што не го изгласаа законот за финансиска поддршка на семејствата. Упорно работат на некоја демонизација во јавноста на овие родители. Тоа го прават преку нивните канали, партиски, медиумски…Значи, овие семејства константно се изложени на постојан притисок. Зборуваме за притисок од највисоките структури, па одиме надолу до локално ниво, рече Павловска.  

Зоран Тодоров и Анастасија Павловска се со идентитечен став дека треба да има координација, систем, кој треба да го води заздравувањето на Кочани и кочанчани. Акцентот треба да се стави на младите.

Помина скоро една година, но се’ уште трагите и лузните од тоа што се случи се видливи пред се’ во односот и расположението на луѓето. Тоа е нешто на што треба сите да поработиме како да излеземе од таа летаргија и да тргнеме во некој друга правец, се разбира после одредено време. Тоа е нормално да биде така и се надевам дека се движиме во добар правец. За да излеземе од оваа ситуација не само што ни е потребна стручна помош, не само финансии, туку и наша лична инволвираност во секој процес за да можеме ние како општество како граѓани да покажеме иницијатива дека сакаме да покажеме дека Кочани сака да живее, кажа  Зоран Тодоров. Овој кочанчанец, кој постојано работи за заедницата вели дека акцентот треба да биде ставен на младите, кои треба да добијат културни содржини, како театар, кој ќе има претстави, спортски содржини и конечно да се изгради затворен базен пред се’ за рехабилитација.  

На иста линија на размислување се и граѓаните на Кочани.

На Кочани му недостасува економија, производство, млади и сето тоа е поврзано едно со друго. Нема економија, нема производство, нема млади. Да почнеме со тоа што е најважно, да се сменат вредностите што постојат. Да почне да се инвестира во производството, се’ живо е запустено – земјоделие, рударството што го немаме, сопствена индустријата што ја имавме ја немаме сега…туризам – мисловна именка. Млади – ги нема никаде, рече еден граѓанин на Кочани.

За друг кочанчанец трагедијата најмногу го погоди младото население.

-Да имаме повеќе млади тука. Бегаат настрана како се случи трагедијата. Едноставно, градот е трагедија, изјави.

-Лоша работи што се случи со децата. Градот е замрен и запустен откако тоа се случи. Треба државата да се насочи кон младите, рече минувач во центарот на Кочани.

-Имаме многу повредени, на нив треба да им се помогне. Тие помош добија од група граѓани, од странство, од тука, а од државата не добија помош, смета еден повозрасен кочанчанец.

Градот треба да се издигне

Павловска од иницијативата „Кој е следен?“ вели дека треба да се направат повеќе суштински чекори за градот да се издигне и почне некој нормален живот по трагедијата.

-Треба да се направат програми за психолошко советување. Треба да се направат програми за развој, младински центри, едноставно градот да се дигне и да се стави во одреден тек. Тоа, повторно пак е некоја политичка воља која треба да се покаже за тоа да се направи. Премиерот ветуваше одреден проект, којшто го нарекуваше драматичен и голем од огромно значење. Тоа беше во првиот месец по трагедијата и ние повторно не слушнавме по трагедијата. Еве, јас ве замолувам вие како медиум да истражите малку подобро што стана со тој проект, бидејќи требаше да биде европски итн., изјави Павловска.

„Кочани 2030“ е неофицијалното име на проектот што лани во мај го најави премиерот Христијан Мицкоски по средбата во Скопје со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Мицкоски рече дека е тоа комплексна заедничка акција меѓу Владата и Европската комисија, кој во старт ќе донесен инвестиции и помош во градот во износ од 100 милиони евра инвестиции во период од четири години, почнувајќи од оваа година..

Клучни елементи на проектот се реконструкција и модернизација на кочанската болница, инвестиции во училишта и спортски сали за подобрување на условите за младите, уредување на паркови и зелени површини за подобар квалитет на живот, развој на патна мрежа и други јавни објекти за олеснување на секојдневието на граѓаните.

„Кочани 2030“ – 100 милиони евра за четири години

Идејата е да се создаде визија до 2030 година за целосна трансформација на градот, со акцент на безбедност, модернизација и подобри услови за граѓаните.

– Со претседателката на ЕК разговаравме да имаме заедничка акција, да направиме јасен план за Кочани, можеби ќе го именуваме „Кочани 2030“ во којшто ќе вложиме огромна сума пари во реконструкција на ваков тип на објекти, меѓу кои е и кочанската болница, но и на други инфраструктурни објекти… Подготвуваме еден огромен проект кој ќе биде реализиран од оваа Влада и за граѓаните на Кочани – изјави Мицкоски лани во мај.

Од тогаш до сега за „Кочани 2030“ многу не чувме. За овој проект најавен како целосна трансформација на градот, се кажа и за време на кампањата за Локалните избори. Ја прашавме и владината Прес служба за тоа што до сега направено од најавениот проект и каква е динамиката што може да ја очекуваме. До овој момент не добивме одговор. Од ретките изјави на политичарите, проектот „Кочани 2030“ треба да опфати проекти за Кочани во вредност од околу 100 милиони евра за период од четири години (2026–2030), надвор од редовните буџетски трансфери. Меѓутоа, граѓаните предупредуваат дека помошта е потребна денеска и сега, бидејќи младите едноставно си заминуваат и не чекаат државата да помисли на Кочани.

В.К.

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.

Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Акција на ОВР Кочани и ОВР Виница: Лишени од слобода двајца возачи

На 16.02.2026 во 13:50 часот во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода К.Д.(28) од Кочани. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека го управувал возилото без претходно положен возачки испит. Возилото е

Амфенол вработува…

Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани. 

За секоја ваша прослава одберете „Лакшари Тихи Бубе“

Планирате свадба, крштевка или посебна прослава? Сакате сè да биде совршено, елегантно и незаборавно? Атеље за свадби „Лакшари Тихи Бубе “е вистинскиот избор за вас! Свежо и внимателно одбрано цвеќе, уникатни и креативни подароци, професионален кетеринг, декоративни балони и комплетна декорација за вашиот најсреќен ден. Ние ги претвораме вашите соништа во реалност! Посетете нè во