Започнува десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Во културна средина често фокусирана околу главниот град, Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп, претставува редок и значаен пример за тоа како уметноста може да создаде нови гравитациски точки во внатрешноста на државата. Основан со јасна визија – да му ја врати на Прилеп и неговата публика навиката на активно културно живеење – Фестивалот денес е препознаен како најпосветениот македонски концептуален простор на краткиот филм, и меѓу ретките што успеваат да изградат препознатлив интернационален идентитет. Од своите почетоци, Winter Apricots го застапува ставот дека краткиот филм не е „мал филм“, туку комплетна кинематографска форма со авторски интегритет. Со отворање кон сите жанрови и естетики, Фестивалот станува место каде што авторите ја користат кондензираната форма за да создадат силни и прецизно артикулирани визуелни идеи.

Во годините зад себе, Фестивалот селектирал филмови од пет континенти, создавајќи програма што ја следи современата краткометражна продукција и нејзините нови јазични и тематски насоки. Со тоа, Winter Apricots ја исполнува својата примарна мисија за поддршка на авторското размислување, да промовира нови перспективи и да создаде сцена што ја поттикнува сензибилноста на младата филмска публика.

Фестивалот е организиран во три натпреварувачки целини – Интернационална, Балканска и Македонска селекција – со јасно дефинирани критериуми за уметничка и техничка извонредност. Наградите за најдобар филм, концепт, кинематографија, звук како и наградата на публиката во македонската селекција, создаваат рамка во која кандидатите добиваат професионална видливост и влез на пошироки европски и светски фестивали.

Јубилејното 10-то издание, кое ќе се одржи во кино „Мис Стон“ и во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“, од 10 до 13 ти декември, потврдува дека Winter Apricots одамна ја надмина улогата на класичен филмски фестивал. Најавената програма опфаќа: фотографски изложби, промоции на книги и трибини, концерти и музички перформанси, програма на танцови филмови што традиционално го отвора фестивалот (во соработка со Augenblick колективот), како и специфични хибридни формати на уметничка соработка. Вака организиран, фестивалот функционира како интердисциплинарен културен мост, создавајќи средина каде што филмот, литературата, музиката и визуелната уметност не се паралелни патеки, туку точки на пресек.

 

Овогодишното интернационало жири го сочинуваат тројца истакнати професионалци чија работа опфаќа значајни достигнувања во полето на филмот и визуелните уметности. Мартина Аригони, филмска режисерка, сценаристка и уметница од Милано, се истакнува со својата комбинирана практика во режија, монтажа, фотографија и критичко пишување, со учество на реномирани европски фестивали и развој на филмски проекти поддржани од водечки институции. Јелена Иванчевиќ, сценографка и дизајнерка на сет, делува во рамките на филмската и театарската продукција во Црна Гора и Србија, со значаен опус во независната и ангажираната уметност, како и учество на престижни архитектонски и сценографски платформи, вклучително и Венециското биенале. Георги М. Унковски, автор со интернационално признание и силно присуство на македонската филмска сцена, чиј најнов долгометражен филм „Диџеј Ахмед“ е наградуван на фестивали ширум светот.

Ова издание на фестивалот за првпат се отвора со изложба – внимателно избрана колекција на аналогни фотографии од Јордан Звездоски. Преку интимни визури од руралната околина на Прилеп, авторот ги претвора секојдневните сцени во визуелни фрагменти исполнети со меморија, балансирајќи помеѓу минатото и современиот ритам

Литературната компонента е застапена преку промоции на книги и трибини, вклучувајќи ја книгата „Годините“ на нобеловката Ани Ерно, во присуство на издавачката Катерина Шекутковска (Илика) и преведувачката Андријана Папиќ Манчева, „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски, како и трибината „Синелитера“, посветена на пресекот меѓу филмот и литературата и на нивниот дијалог во современиот културен контекст.

Филмската програма, поделена на Македонска, Балканска и Интернационална селекција, прикажува краткометражни дела кои ја истражуваат современата визуелна естетика, наративната концентрација и темите на современиот свет. Селектираните дела се одбрани од 760 пријавени филмови од 77 држави. Танцовите филмови традиционално го отвораат фестивалот, додавајќи динамика и експериментален визуелен израз.

Музичката програма вклучува настап на Мухамед Ибрахими, мултиинструменталист кој ја спојува ориенталната музика, балканскиот фолклор и современите стилови, создавајќи храбра и неочекувана атмосфера, како и футуристичкиот аудиовизуелен проект ИСКРА, кој преку синт-звуци и интригантни анимации ја потопува публиката во хипнотизирачки свет на футуристичко Скопје.

*напишано од тимот на Winter Apricots

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

РОМАН слави успешни 3 години редовна автобуска линија за удобен превоз за секој патник.

Прилеп – Велес – Скопје и Скопје – Велес – Прилеп, РОМАН слави три години редовна автобуска линија на овие релации. Редовно сообраќаат од понеделник до недела, а линијата од 6, 30 и 9,30 часот оди и до државна болница – Скопје, што им овозможува на патниците-пациенти безбедно, точно, навремено и без барање на друг превоз, да...

Испиша историја! Злато за прилепчанецот Белостојаноски на ЕП во карате

Матеј Белистојаноски е европски првак во карате. Прилепскиот каратист, Матеј Белистојаноски ја освои титулата европски шампион на Европското првенство за кадети, јуниори и У-21 што се одржува во Лимасол, Кипар. Во финалето Белистојаноски беше подобар од грчкиот натпреварувач Георгиос Балиотис, кого го совлада со резултат 2-0. Со сигурен и убедлив...

Во тек пријавувањето за пинг-понгарскиот Меѓународен меморијален турнир „Илија Карески – Каре“

Во организација на Пингпонгарскиот клуб „Младост 96“од Прилеп, Пингпонгарската федерација на Македонија, со поддршка на Општина Прилеп на крајот од месецов и почетокот на март ќе се одржува петтиот по ред Меѓународен меморијален турнир „Илија Карески – Каре“. Според распоредот турнирот ќе се одржи на 28 февруари и 1 март...