Собранието на Македонија на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски локални избори е усвоена со 73 гласа „за“ и ниту еден „против“ . Документот, поднесен од претседателот на Собранието, Африм Гаши, и координаторите на сите пратенички групи, има за цел да обезбеди општествено единство за спроведување на изборите според највисоки стандарди.
Во декларацијата се осудува семејното и групното гласање, говорот на омраза, насилството и дискриминацијата, како и ширењето на дезинформации. Се нагласува потребата од фер пристап на сите учесници во изборната кампања до медиумите за промовирање на нивните кандидати, политики и ставови. Во Декларацијата се осудуваат кампањите што шират дезинформации и невистини, со цел да се дискредитира некоја личност, институција, политичка партија или организација.
Исто така, се осудува секаква изборна корупција, злоупотреба на државни ресурси, поткуп и уцени.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.









