По кратко боледување, во 73-та година од животот во Леџвуд, Њу Џерси (САД) почина македонскиот активист Љупчо „Луј„ Дуртаноски. Тој беше поранешен член на управниот одбор на МПЦО „Кирил и Методиј„ во Сидр Гроу (Њу Џерси) и донатор на бројни активности на Македонците во Соединетите американски држави и Канада.
ЉУПЧО „ЛУЈ“ ДУРТАНОСКИ (1952 – 2025)
Љупчо Дуртаноски беше роден во Кривогаштани на 2 август 1952 година како трето дете и најмлад син на Крсте и Спасија Дуртаноски. Емигрирал во САД во 1977 година и преку 40 години беше сопственик на градежната фирма Louie’s Construction.
Бил член и активен поддржувач на македонските иселенички организации во зачувување на македонскиот национален идентитет. Имаше тесна соработка со Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и Драган Богдановски, а дописничка канцеларија (редакција) на „Македонска нација„ за САД извесен период се наоѓаше во неговиот дом.
Љупчо Дуртаноски (крајно десно) со сопругата Ружа и синот Кирил со сопругата Диана (лево) за време на дежурство во македонска православна црква „Св.Кирил и Методиј„ во Сидр Гроу, Њу Џерси. Фотографијата е преземено од МПЦО „Св.Кирил и Методиј„ – Сидр Гроу, 2019 година.
Како најатрактивно претставување на Македонија во Америка беше автомобилот од Љупчо Дуртаноски со регистарски таблички VMRO N°1 со кое тој ја посетуваше македонската заедница во САД и Канада и со истото возило беше дистрибуиран и весникот „Македонска нација„. Регистерските таблички VMRO N°1 денес се наоѓаат во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, на масата пред Драган Богдановски, основачот на весникот „Македонска нација.
Восочна фигурна на Драган Богдановски со весникот „Македонска нација„ и регистерската табличка VMRO N°1 од автомобилот на Љупчо Дуртаноски Музеј на македонската борба за самостојност, Скопје, Македонија
Погребната служба за Љупчо Дуртаноски се одржа на денот на независноста на Македонија 8 септември 2025 година во 10.00 часот во македонската православна црква „Св.Кирил и Методиј„ во Сидр Гроу, а погребот на гробиштата Ист Риџелоун во Клифтон (East Ridgelawn Cemetery, Clifton, NJ 07014).
По многу нешта и околности овој тивок и ненаметлив македонски патриот остави трага и приодонес за Македонија едноставно прикажани преку двата датуми од македонската историја кои за него беа аманет да се бори за Македонија: Роден на светлиот Илинден, 2 август – и погребан на денот на независноста на Македонија – 8 септември“.
Нека е вечен споменот за Љупчо Дуртаноски и нека почива во спокој!
Македонија нема да ги заборави своите достојни чеда и ти благодари за сѐ што направи за неа.
Последен поздрав од Пелагонија и неговото родно Кривогаштани.
Сочувство до неговото семејство, неговите роднини и пријатели.