Проектот Beyond Digits (www.beyonddigits.eu) има за цел да ја зголеми финансиската писменост кај возрасни лица со различни попречености преку развој на пристапни и инклузивни материјали за обука. Дополнително, проектот се фокусира и на унапредување на компетенциите и дигиталните вештини на наставници, едукатори и професионалци кои работат со оваа група граѓани.
Во рамките на програмата и програмските активности учествуваат Јован Сталевски и Елена Гагачева, претставници на ЦЕФЕ Македонија, кои се активни учесници и ментори во проектот.
Јован Сталевски, претседател на ЦЕФЕ Македонија и меѓународен тренер, истакнува дека организацијата веќе долги години работи на развој на претприемнички и образовни програми, применувајќи иновативни методологии и тренинг модели. Во земјава делуваат повеќе сертифицирани тренери кои се достапни за сите заинтересирани за практична и современа едукација. Елена Гагачева, сертифициран тренер на ЦЕФЕ МК, посочува дека стекнатите искуства и методологии овозможуваат лесна примена и во чувствителни теми како финансиската писменост кај лица со попреченост. Според неа, токму интерактивниот и практичниот пристап е клучен за надминување на бариерите. Во програмата „Радио што се гледа“ за целите и активностите на проектот со претставниците на ЦЕФЕ Македонија: Јован Сталевски и Елена Гагачева разговараше Звонко Димоски:
За да се утврдат реалните потреби, во рамки на проектот беше спроведено партнерско истражување во Грција, Малта и Литванија, со испитаници на возраст од 18 до 50 години со развојни и интелектуални попречености. Истражувањето има за цел да ги идентификува празнините во финансиската писменост кај лица со развојни и интелектуални попречености и да разбере каде и зошто тие имаат тешкотии во секојдневно раководење со пари и финансиско одлучување. Анализите покажуваат дека:
Лицата со попреченост имаат ограничена финансиска автономија и силна зависност од старатели.
Сепак, покажуваат способност да приоретизираат суштински трошоци, што укажува дека соодветно едуцирање може да им помогне да развијат поголема финансиска независност.
Потребни се практични, визуелни и сценарио-базирани програми за финансиска едукација.
Неопходно е вклучување на дигитална финансиска писменост, бидејќи повеќето не се запознаени или не користат такви услуги.
Овие резултати претставуваат основа за креирање на нови пристапи и алатки, насочени кон практично и прилагодено финансиско образование.
Проектот предвидува развој на 3Д дигитална игра за финансиска едукација и апликација за следење и управување со трошоци, кои ќе бидат лесно достапни и адаптирани на различни видови попречености. Овие алатки треба да придонесат за практично учење и полесно вклучување во секојдневниот финансиски живот.
Како дел од активностите, на 10 октомври, во Европска Куќа-Скопје ќе се одржи Конференција за инклузивна финансиска писменост, на која ќе бидат презентирани резултатите од истражувањата, новите дигитални алатки и идните насоки на проектот. Конференцијата е отворена за сите заинтересирани професионалци, организации и поединци кои сакаат да се едуцираат или придонесат во развојот на оваа важна тема.
Проектот е реализиран во партнерство со организации од Грција, Литванија, Австрија, Малта и Европската асоцијација на давател и на услуги на лица си попреченост (Брисел). Имплементиран со финансиска поддршка на Ерасмус + програмите на Европската унија .