Домот е таму каде што боли – генерациска средба 40 година матура  

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. (Тетовирани души)

Се собравме 70- тина и неколку! Некои беа отсутни поради дамнешна миграција, некои од здравствени причини, (“нормално“ за нашата возраст“ ) некој заминал на одмор со семејството, (бидејќи е време на летни одмори), а фала му на Бога никој од генерацијата не заминал во духовниот свет…(барем јас не разбрав). Но, ете толку се собравме на генерациската средба за да одбележиме 40 години кога бевме матуранти, кога „влеговме“ во „светот на возрасните“ со дипломи во раце и големи надежи и планови за иднина „дека ќе го менуваме светот“ за да биде поразличен од оној кој го имале нашите родители.

Но, денес, така, генерациски собрани, не се потсетувавме на тие моменти од матура како некогаш, ниту што сме работеле, што сме постигнале, туку не’ радуваа приказните за нашите семејства, за тоа што и каде работат нашите деца, кој колку внуци има, покажувајќи си ги меѓусебно фотографиите од нивните ликови, преку нашите мобилни телефони (кога, ние бевме матуранти немаше мобилни телефони за да креираме фотографии и да се потсетиме какви сме биле ние тогаш – можеби тоа ќе не’ вратеше на спомените, наместо на тагата, но…)

И, она што во исто време од радост премина во тага, од  убаво, стана болно, е моменот кога секој од нас, 70-тина зрели луѓе, со побелени глави и тела кои полека се наведнуваат, ја изнесуваа вистината  за откорнувањето, за витките кои сме ги негувале и кои се распрснале низ светот, а стеблото стои само, обвиткано само во сеќавања и надеж за следна средба – миграцијата на нашите деца и внуци стана најдоминатна дискусија. Немаше ниту еден од нас, кому едно (а, некому и двете деца) да не се отселени од градот под Марковите кули, некаде! Немаше таков!!!

Малта, Австралија, Германија, Шведска, Норвешка, Данска, Швајцарија, САД, главниот град на Македонија, Љубљана, Загреб..Таму се нашите деца за кои со гордост зборувавме, а тага во срцата криевме.

И, генерациската средба стана помалку средба, а повеќе потсетник. Миграцијата не не’ искорени, ама длабоко не’ разниша – како на дрвото чии што корени се длабоки, но гранките му се расфрлени низ светот.

Од 70 собрани генерациски пријатели, секој од нас, имаше берем по едно дете кое се откорнало и заминало од  градот и се оддалечило со километри – кој повеќе, кој помалку километри мери, но километрите постојат, а далечината, болката за неможноста  да се делат радосните и убавите моменти со оние кои се смислата на нашиот живот остана да лебди во атмосферата преплетена со стари музички хитови и „Не дај се генерацијо!“

Остана мислата, еве – генерациска средба, 40 година од матура! А, колку генерациски средби само се направија овој јуни во градот, во државата?! Колку се направија минатата година, и годината по неа?!  Колку ни е празна внатрешноста, со млади фиданки, раселени и одкорнати? Колку ни е празна државата?! Што за тоа ние „матори (старци, уморни)“ направивме?!

Еден есеј вели „Домот е таму каде што боли.“-  („Искрата што се измолкнува“ од Горан Стефаноски) А,  нам “домот“ ни е далеку, а болката и тагата ни остана дома, и за следната генерациска средба!

 

 

 

 

 

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Ќе се намалува бројот на советници во советите на општините и Град Скопје

ДИК го донесе упатството за бројот на советници во советите на општините и Град Скопје – ќе се намали бројот на советниците во новите Совети на дел од општините, поради намалување на бројот на жители во некои општини. – Согласно Изборниот законик и Деловникот, ДИК одлучува со мнозинство гласови. Констатирам...

Само две жени официјално кандидирани за градоначалник на Општина Прилеп

Засега, официјално во трката за градоналничката функција за Прилеп за претстојните Локални избори 2025, во ОКИ – Прилеп, својата кандидатура ја пријавија две жени – едната од СДСМ, Петра Лукароска, а другата како независен кандидат, Павлинче Матеска. Додека Лукароска повеќе од еден месец (кандидатурата објавена на 18 јули 2025 година)...

(Видео) Сеуште активен пожарот кај Плетвар меѓу селата Беловодица и Лениште

Изминатото деноноќие на територија на државава има регистрирано вкупно 27 пожари на отворен простор. Од 27 пожари, осум се сеуште активни, информираат од Центарот за управување со кризи. Активни  пожари на отворено има и на територија на општините Прилеп и Долнени. Огнената стихија која веќе трет ден беснее помеѓу селата Беловодица...