Две нови научни дела „Физиологија на развиток на растенијата со култура на ткива“ и „Сортата Прилеп 66 9 клучен фактор во развојот на македонското современо тутунопроизводство“ на двајца прилепски високо етаблирани научници проф. д-р Мирослав Димитриески и проф. д-р Гордана Мицеска вечерва беа промовирани во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп. За досегашната научна мошне плодна активност на коавторите се осврна проф. д-р Биљана Консулоска Гвероска, а делата беа промовирани од рецензентите проф. д-р Јованка Тутеска и проф. д-р Трајко Мицески, настанот беше модериран од дипл. земј. инж. Филип Димкоски.
Проф. д-р Мирослав Димитриески и проф. д-р Гордана Мицеска целото свое научно искуство го развиваат и посветуваат во Научниот институт за тутун Прилеп во областа на физиологијата и генетиката на ориенталниот тутун кои ја создадоа и издигнаа сортата Прилеп 66 9 на светско ниво препознатлива за Прилеп, регионот и Македонија. Двета нови научни труда преточени во „Физиологија на развиток на растенијата со култура на ткива“ и „Сортата прилеп 66 9 клучен фактор во развојот на македонското современо тутунопроизводство“ се круна на нивното повеќедеценско творење.
Книгата „Физиологија на развиток на растенијата со култура на ткива“ е практикум корисна и дополнителна литература на учебниците, како квалитетно четиво за физиологија на растенијата.
Додека пак второто дело „Сортата Прилеп 66 9 клучен фактор во развојот на македонското современо тутунопроизводство“ претставува сублимат на значењето на конкретниот тип ориентален тутун кој што покрена револуција во квалитативните и квантитативните својства на ова индустриско растение во Македонија и надвор од земјава во регионите каде што се произведува.
Колкаво е економското значење од продукцијата на тип Прилеп 66 9 говори податокот што 3,8 од БДП отпаѓа токму на неговите квалитетни својства, пред се’ заради фактот што 98 % од вкупното производство на ориентален тутун во Македонија е токму овој тип – генериран и прилагоден од страна на двајцата ценети научници проф. д-р Мирослав Димитриески и проф. д-р Гордана Мицеска.
За авторите:
Проф. д-р Гордана Мицеска е доктор по биолошки науки од областа на физиологијата на растенијата, со плодна научна кариера, а вработена во Научниот институт за тутун во Прилеп од 1985 година. Се пензионира како научен советник, редовен професор на Институтот, чија директорка беше од 2012 до 2020 година. Во досегашната работа како автор и коавтор има објавено и соопштено 137 научни трудови од областа на генетиката, селекцијата и физиологијата на тутнското растение, во различни меѓународни списанија, Практикум по генетика, селексција и семеконтрола, монографија по повод 35 години од формирањето на Друштвото за наука и уметност-Прилеп и др.
Проф. д-р Мирослав Димитриески е редовен професор во пензија. Вработен во Научниот институт за тутун во Прилеп од 1981 година. Во плодната наставно-научна кариера, Мицески бил раководител на Советот за втор циклус студии, член на Советот и Научниот совет, раководител и областен потписник на Институтот, член на Сенатот и Комисијата за наставно-научни прашања при УКЛО-Битола, член и претседател на организационите одбори на симпозиумите по тутун, членувал во неколку комисии при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а бил и претседател на комисијата за полагање на лиценци за проценители на тутун и претседател на здружението на производителите на тутун и произоди од тутун при Стопанската комора на Р. Македонија. Од 2013 до 2020 бил заменик директор на Научнот институт за тутун во Прилеп. Димитриески заедно со други соработници автор е на 14 признати сорти на тутун, а прв автор е на 9 ориенталски сорти. Како автор и коавтор досега објавил и соопштил 146 научни труда од областа на генетиката, селекцијата и физиологијата на тутунот.