По 59 пат Прилеп го живее својот театарски сон засладен со воздух што мириса на липи. Што и да е, како и да е „Черндорински“ за мене е радост, љубов и возбуда. Врвица луѓе, па преполна сала, светлото се гасне и магијата почнува, За мене ова беше топло и свечено отворање, оти особено ми е важно како ќе бидат истретирани актерите добитници на наградите за животно дело. Зошто?
Затоа што толку многу имаат придонесено во нашиот духовен развој овие луѓе, па заслужиле еднаш, пет минути во нивна чест и слава да ги удостоиме.
Генерелно сето тоа беше испочитувано и мислам дека достоинствено им се оддаде почит и на наградените, и на сите претставници на институциите, на спонзорите, поддржувачите и соработниците.
Сепак, ние не би биле ние, ако не ни заѕвони телефонот додека зборува Гоце Тодоровски, не се преместуваме од едно на друго столче додека зборува Коневска Руси, не се караме кој број на седиште имаме, не се обратиме „тивко“ на телефон, не светиме со екранот како ѕвездено небо за поп концерт, не поминеме три-четири пати наваму-натаму…Веќе сериозно размислувам да се потрудам и да престанам да реагирам оти секоја година истото ми се случува, а изгледа мнозинството смета дека токму така е нормално да се однесува. Ете една дама дури и ме осуди за мојата негостопримливост како домаќин од Прилеп. Кој сум јас да и кажувам дека не треба да си пишува пораки на екранот од телефонот и да свети на сите страни и да не се преместува три пати? Сепак треба да ми стане јасно дека тоа кај нас НЕМА да се смени. Се молам што поскоро да се помирам со овој факт.
Но, ајде да се сконцентрираме на убавите моменти.
Со обраќањата на директорката Ана Стојаноска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, а под потото „Смеј се и осмели се“ започна годинешното 59 издание на најзначајниот македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Пред преполната сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“ им беа врачени наградите за животно дело на тројца доајени на македонскиот театар, Снежана Коневска Руси, Соња Михајлова и Гоце Тодоровски. Пред врачувањето, за секој претходеше краток видео-материјал за кариерните достигнувања, а нивното излегување на сцена, публиката го дочека со стоечки аплаузи.
Говорите на наградените за мене беа свечени, срдечни и поучни, а исто така ги доживеав и нивните изјави за медиумите. Гоце Тодоровски поентираше дека актерите треба да играат така што кога глумат, всушност да не глумат.
Тоа и се случи во претставата „12“ на Синиша Ефтимов во која е собрана македонската машка актерска елита. Тешка претстава, со сложена проблематика, но не знаеш што ти е повеќе мерак да правиш, дали да размислуваш околу перипетиите и заплетите во претставата или да се воодушевуваш на актерското мајсторство на Џамбазов, Микиќ, Јолевски, Ристановски…
Има уште многу да се напише, но сепак треба да се сфати дека овој фестивал е нешто вредно, настан што се чека и се љуби и настан кој е празник за градот. Орагизаторите се потрудиле во рамки на можностите професионално да се погрижат за сите аспекти, а и ние треба да им возвратиме со добра енергија, добра мисла и култура. Ова е моето доживување и можете да се согласите или да не се согласите, но само со взаемна почит ги чуваме нашите културни достоинства и покажуваме љубов кон своето.
За многу години МТФ „Војдан Чернодрински“!
Пишува: Филип Димкоски
Фото: MTФ „Војдан Чернодрински“