Од 6 ти до 13 јуни МТФ Војдан Чернодрински во Прилеп – 14 претстави на програмата

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Девет претстави во официјална и пет во независна програма се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе се одржи од 6 до 13 јуни. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“. Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска денеска ја објави програмата за претстојниот фестивал.

Собранието на фестивалот, на денешната средба ги избра и наградените за животно дело. Тоа се актерите Соња Михајлова, Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски.

За ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција, стои во експликацијата на Стојаноска.

За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма. Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар. Таа приказна покажува како се однесува човекот во општеството и како тој човек е одговорен за текот на самото општество. „Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената“ е насловот на селекцијата со цел тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Во ова издание на фестивалот може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани – стои во експликацијата.

Претстави во официјалната селекција се:

„12“ според мотивите на „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Македонски народен театар
„Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар – Скопје
„Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар – Скопје
„Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар − Скопје
„Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар − Битола
„Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ − Прилеп
„Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ − Велес
„Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар – Штип
„Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија − Скопје

Претстави од независна продукција:
„Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“ − Скопје
„Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ − Скопје
„Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“
„Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ − Скопје
„Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ – Скопје
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.

За мотото на фестивалот, Стојаноска истакна:

-Театарот не’ учи да бидеме храбри, на секоја ситуација да имаме коментар. Театарот ги крие двете маски, трагичното и комичното. Откако го ставивме мотото, моите соработници се шегуваа дека ни се појавија многу предизвици. Наједноставно е во тешките моменти да бидеме нервозни, ама треба да бидеме храбри и да се насмееме – рече Стојаноска.

По иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски, Собранието донесе одлука наградата за музика ќе ја именува според музичарот, кој што го изгуби животот во пожарот во Кочани. Стевановски беше актуелен директор на Центарот за култура „Антон Панов“ во Штип.

На прашањето каде ќе се реализира програмата на фестивалот, со оглед на тоа дека театарот и Центарот за култура во моментов не работат, Стојаноска истакна дека се следи ситуацијата, дека најавено е дека до 6 јуни Центарот за култура ќе биде опремен за да може да се реализира програмата на фестивалот, а секако ќе се освојуваат и алтернативни простори.

-Сакам да ја известам целата театарска јавност да има разбирање, годинава фестивалот ќе биде од помал формат, а во наредната година јубилејна ќе имаме пораскошен формат. Годинава театрите понудија помалку претстави од лани. Дел од нив работат на репертоарна политика, дел не, а дел и воопшто не работат. Го поздравувам моментот и за поставување на македонски драми. Ние ќе ја имаме програмата „Драмолетање“ во која за време на фестивалот ќе имаме работилници во два дена – истакна Стојаноска.

На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса.

Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
-Создадовме „Музеј во движење” или „Прилеп во фокус“, поточно ќе го презентираме придонесот и влијанието на тројца (и не само на тие тројца) мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Изложбата ќе ја поставиме кај пријателите на фестивалот и ќе се потсетиме на огромното влијание што тие го имаат направено и обележано Прилеп низ сите овие театарски години. Сакаме ова да биде дел од постојаната активност на фестивалот, која не би се ограничила само на деновите кога фестивалот е најактивен, во јуни секоја година, туку дека треба да биде активност која ќе се случува постојано во текот на целата година. Во контекст на нашето мото „Смеј се и осмели се”, овие тројца театарски уметници од Прилеп и се/нѐ смееја и се/нѐ осмелија да создаваме уште подобар театар – вели Стојаноска.

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

На Митровден се верува дека се претскажува каква ќе биде зимата

Денеска се празнува големиот празник Св.Димитрија или кај народот познат како Митровден. За овој ден постојат низа верување. За Митровден се верува дека се предскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува...

ЗОКУМ чести книги, а кафето е на ваша сметка

По повод Mесецот на книгата, Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ од Прилеп ја првпат спроведува  акција за подарување на книги на граѓаните на Прилеп. Станува збор за околу 250 книги од различни жанрови кои утре (8.11.2025)  со помош на учениците од ООУ ,,Климент Охридски” и ООУ ,,Кире Гаврилоски”...

(видео) ООУ „Добре Јованоски“ со реновирани и адаптирани простории за поквалитетно одржување на настава

Од руинирани простори до простории за квалитетно одржување на наставата-тоа е новина во ООУ Добре Јованоски, едно од најбројните училишта во Прилеп кои бори 1200 ученици. . Градоначалникот на Прилеп, кој го посети училиштето изрази благодарност до менаџментот на училиштето за нивната посветеност и соработка и најави продолжување со реализација...